Вардар е гостин на Победа

Фудбал

В сабота (18 часот) на Градскиот стадион “Гоце Делчев” е првиот од серијата пријателски мечеви на второлигашот Победа. Противник е второлигашот од Неготино, Вардар. Претходно, во средата, беше во план дуелот Победа – Борец, но е  одложен поради жешкото време. За подготовките се прецизирани контролите со Башкими во Куманово (27 јули), со Охрид (31 јули), со Беласица (3 август) и Брегалница Штип (10 август). Останува да се договори уште еден ривал за 23/24 јули.

Што се однесува до списокот на фудбалерите кај тренерот Јане Николоски, четврти новодојден е десниот страничен Матеј Ѓурчиновски, 20-годишен скопјанец. Тој претходно има настапувано за Слога Виница, Саса Каменица, Пехчево. Во родниот град има поминато во клубовите Форца – Вардар и Работнички. Претходно пристапија: 19-годишниот напаѓач Никола Талески (Беласица). 21-годишниот крилен напаѓач Амир Фејзуловски (Детонит) и 20-годишниот играч за врска Мартин Андоновски (Кожуф).

Заминати се четворица, бранителите Леонид Кофиловски и Александар Новески, левиот страничен Христијан Поп-Антоски, како и напаѓачот Дестан Адили.

Loading