Швајцарски патеписец опиен од прилепската калдрма

– Прилепскиот дух и фолклор овековечен во бестселер “Употребата на светот”, објавен на над сто живи јазици

Швајцарецот Никола Бувие важи за светски писател, публицист,  главен режисер за Швајцарската телевизија. Во Библијата на писателите патници, забележани се доживувањата од прошетките низ државите, градовите, меѓу кои и гнездото на ,,македонштината,, – Прилеп. Видувањата за Балканот, за секојдневието на луѓето, во фолклорниот амбиент ја опишал со реченицата, “Балканот е срцето на Европа”. Таа е забележана и на спомен плочата во центарот на Прилеп.

Бувие не би бил толку значаен ако не ги почувствувал прилепските мајтапџии, собирајќи фолклор и народни инструменти. Во 1953 година престојувал три ипол месеци во хотелот Јадран. Создал зборовни реденици, овековечени во книгата “Употребата на светот”, објавени во над 100 живи јазици.

Швајцарецот од Женева со француско потекло доживеал 73 години. Сликите од прилепските улици, сокаците на Старата чаршија духовно ги доживувал и преку раскажувањата на Методија Зајкоски, интелектуалец од градска фамилија, стара 600 години. Методија го запознал со културно – историските споменици. Заедно ги проучиле тајните на манастирот Свети Архангел, а срцето му го полнела Старата чаршија.

Се навратил кусо во градот залегнат под стеновитото возвишение на Марковите Кули, да ѕирне во живиот дух и да чепне по минатото преку листање на меморијата во 1995 година. Тој оставил животни траги во  семејството Зајкоски, кое со години, преку наследниците, ги будат сеќавањата снимени во документарните филмови – еден за семејството, на кое му бил гостин и еден за Македонија, каде престојувал.

Методија бил човек со светски манири. Образован во Америка. Зборувал девет јазици. Гости од други држави го барале да ги води низ лавиринтите на прилепската историја, на навиките и обичаите. Бувие со Методија го запознал прилепскиот дух и Македонија. Ја открил вистинската претстава за прилепските марифети и курназлаци. Градот го пренесол како мала сиромашна српска касаба во зародишот на социјализмот. Комуницирал со знаетчиите, мајсторите, калфити во чаршијата, разговарал за маките тутунарски, муабетел по маалата додека магарињата рикале од секој двор, доловувајќи го градот во реалната физиономија. Не кажал збор настрана за домаќините кои го гоштевале, со кои муабетел, пиејќи ракија во чоканче со скромна салата. Често бил канет на вечери кај побогатите, ако имало такви неколку години по војната.           

За жал, прилепската слика е преведувана од српска верзија на  книгата, а не од оригиналната француска. Во книгата има недоречености кои не можат да бидат излезени од перото на Бувие. Тој  никогаш немало да ги нарече Македонците, Грци и Бугари, а македонскиот јазик дијалект. Македонија е опишана како земја во крајна беда, со болви и вошки, што не кореспондира со вистината.

Бувие бил близок роднина на Жаклина Кенеди. Роден бил во 1929 и живеел до 1998 година.

Loading