ПРВА КНИГА НА Д-Р БИЉАНА КОНСУЛОСКА ГВЕРОСКА

Д-р Биљана Консулоска Гвероска ја објави првата книга “Агроеколошките принципи и можноста за заштита на растенијата од болести” во која се презентираат научни резултати, податоци за одредени видови на еколошка заштита, биоконтролни агенси и нивните механизми на биолошка борба, микробни метаболити, растителни екстракти и хормони, разни супстанци кои го штитат растението од штетни агенси, првенствено од предизвикувачи на болести. Дадени се насоки за потполн бенефит на агроеколошката заштита на растенијата од болести. Книгата е учебник за студентите на втор и трет циклус академски студии и обезбедува солидна основа за совладување на наставните програми од областа на фитомедицината, современите методи за заштита на растенијата и одржливото земјоделско производство.

– Книгата е обид да се зајакне еколошката свест за заштита на растенијата. Собрани се бројни системски факти, сознанија и перспективи на еколошки начин за заштита на растенијата од болести. Очекувам да овозможи подлабоки разбирања за екологијата на земјоделските системи во интерес на здравјето на растенијата. Таа ќе овозможи поголема промоција на ваквиот метод за растителна заштита – вели авторката, потенцирајќи дека треба да ја насочиме науката кон заштита на животната средина.

Д-р Билјана Консулоска Гвероска повеќе години е вработена во Институтот за тутун, како  научен советник, редовен професор во Одделението за заштита на тутунот и работи во областа фитопатологија, со насока на болести на тутунот.

Loading