“ЈАПОНСКИОТ ЛЕБДЕЧКИ СВЕТ – UKIYOE”

Изложбата

Големите јапонски мајстори за дрворези го отсликуваат јапонскиот лебдечки свет – UKIYOE од 17 и 18 век.

Интересната изложба “Јапонскиот лебдечки свет – UKIYOE” ќе биде отворена денеска во во фоајето од ЦК “Марко Цепенков”. Куратор е кустосот Јасминка Намичева. На отворањето ќе присуствуваат и претставници од Амбасадата на Јапонија во земјава.

На 28 копии – принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век, до публиката, ќе допре шармот на “светот кој лебди” кој е всушност отслик на подемот на трговската класа во градот Едо (Токио) во периодот од раниот 17 век и нивната хедонистичка филозофија која ги подржува моментните задоволства на животот, при тоа славејќи ја убавината на природата преку претставите на месечината, снегот, црешовиот цвет или јаворовиот лист. Раскошните квартови во Едо, во кои самураите и граѓаните ја сочинувале новата градска класа, која се натпреварува во елеганцијата и рафинираниот вкус, стануваат неисцрпна тема на дрворезите на укиѕое мајсторите.

– Ќе бидат претставени најзначајните мајстори на UKIYOE – Хишикава Кишибеи наречен Моронобу, кој во раниот 17 век, бил првиот сликар кој почнал со укиѕое дрворези на кои портретирал енергични жени од Едо, полни со живот, наспроти дотогашните портрети на неприродни и кршливи ликови. По големиот успех на неговите цртежи, тој е првиот илустратор кој се  потпишува на своите дела. Хишикава школото привлекло голем број следбеници, со што била започната популаризацијата на новиот уметнички стил-укијое. Златното доба на оваа графичка практика, од доцниот 17 и 18 век, е претставено на изложбата, преку делата на Тори Кијонага и Китагава Утамаро, како и преку неколку дела на прочуениот Шараку, кој ги портретирал актерите од кабуки театарот. Неговите оригинални дела се прогласени за културно наследство на Јапонија од исклучителен интерес – вели Намичева.

Иако монохроматски, првите принтови на укијое мајсторите, биле рачно колорирани за специјални намени, додека кон крајот на 17 тиот век, техниката на боење со мултиплицирани дрворези, по еден за секоја одделна боја, била усовршена. Така, печатењето на цртежите врз префинета хартија со дебели слоеви боја наликувало на најквалитетната кинеска брокатна свила, по што и овие цртежи биле нарекувани – нисхики-е или “брокатни слики”. Можноста за мултиплицирање на принтовите, доведува и до комерцијализација на овие цртежи, така што биле изработувани за најразлични намени.

Вниманието на Европа кон укијое уметноста било првпат свртено со претставувањето на јапонски принтови во 1867 год на изложба во Париз, по што особено големо влијание остава врз раните импресионисти Мане, Моне, Дега, Тулуз – Лотрек.

Изложбата, Центарот ја реализира во соработка со Амбасадата на Јапонија во Македонија, Здружението за архитектура, дизајн и култура “Архифакт” Скопје, Музејот на градот Скопје и неформалната мрежа на музеи Музеум Линк, а е по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Јапонија и Македонија.

Loading