НЕПИСМЕНИОТ ДУЧЕ БАРАБАНЏИЈАТА – „ПОДВИЖНА РАДИОСТАНИЦА“

Информирањето во минатиот век

Роднините не знаат како го добил прекарот

Невеселите ги веселел да го остават гајлето

Мераклија на вино и “баење” – мрсни муабети

Воздухот” од возот го турнал и умрел

Народе, чујте и почујте. Загината е црна магарица, со бела подопашица, со самар и бел оглавник.

На постарите уште им одѕвонува во ушите гласот. Се сеќаваат на единствениот уникатен телал, аберџија кој им носеше вести по сите улици, на сите ќошиња, пазар-сточен, маст – пазар, обичен пазар, по училишта, за тоа кога се одржувале ударнички акции, слетови, гимнастички натпревари, приредби, спортски натпревари… Тоа беше Димко Атанасоски, Дуче Барабанџијата. Го знаат како човек, жив огласник, подвижна радиостаница.

Роден бил 1890 година. Бил најдуховитиот барабанџии, познат по презентирањето на веста заедно со додавки, лични искажувања, кои ја правеле интересна. Со барабанчето околу вратот, тропал и викал со ѕвонлив, јасен, чист глас без тепкање. Бил неписмен, а зборовите како нижани излегувале од устата. Постари велат дека можел да запамти и 60 реченици.

Внуката од син, Мирјана Славкоска го памети како човек со среден раст и мустаќи.

– Беше шегобиец, итроман и неверојатно интелигентен. Мајтапчија. Како млад бил на гурбет во Романија, каде од експлозија делумно го изгубил видот и слухот. Многу вести за отворање продавници, отворање фабрики, разни манифестации за празници, намалување на цените, вакцинирања, загубено – најдено, помпезно ги кажуваше дедо ми. Не му требаа фермани. Беше неписмен. Бидејќи недослушуваше, веста му ја кажуваа на уво. Недогледуваше, но го “вртеше” цел град со невиден полет. Не му фаќаше устата “павлака”. И по неколку настани во денот ги кажуваше низ сокаците – се сеќава Мирјана.

Сиромаштијата го однела во Романија. Таму го добил прекарот Дуче од неговиот еснаф. Роднината не знае зошто така го нарекле, но Дуче на италијански значи водач. Можеби имал предиспозиции да биде и водач, зашто, кога се вратил, му дале одговорна и доверлива работа. Го вработиле како гласник, во Општината, во зградата од Заводот и Музеј, иако знаеле дека е со оштетен вид и слух. 

И умрен ќе насмееше

– Беше оптимист, темпераментен, со ентузијазам и волја за живот, иако беше наглув. Весел човек, насмеан. Тажните ги развеселуваше, небаре мелем на душата. Невеселите ги советуваше да ги остават гајлињата и да го видат денот. Памтеше неверојатно. Располагаше со богат речник. Знаеше да се искаже. Не навредуваше, туку советуваше, умерено да се насмее. Ќе подудри со барабанчето и, и мало и големо, ќе излезат да слушнат што вест носи. Мирно, со очи вперени во него, и уши начулени жедно ја впивале веста, зашто немало од кој друг да се информираат – раскажуваат постарите.

Чаршиско баење мевлен за душата

Дуче бил мераклија на вино и ракија. Но, со мерка, колку да го “подмачка” грлото. Децата се собирале околу него и се шегувале.

– Го сакавме и го чекавме неговото “баење”, раскажување на некоја шега, безобразен муабет – се сеќава Илија Јончески.

И за Ристе Илиоски, Дуче бил синоним за чаршиско “баење”. Се кажувало во Марика фаришанката:

“Ој Марике од Фариш, обрни се да го виш

во главата е како шиш…”

Секогаш на интересен, оргинален начин правел шеги.

– Некој мариовец во сабота, пазарен ден, го загубил кесето со пари низ чаршијата. Го пазариле Дуче да го најде ќесето, а за наоѓачот следувала награда. Дуче тоа го “измајмунисал”, и викал: Еј, мажи прилепчани. Спиро Вепрчанецот го загуби ќесето. Кој ќе го најде ќе добие голема награда. Оти во ќесето пари нема, а има слика од жена му. Сликата да ја задржи за себе, а ќесето да му го врати на Вепрчанецот – кажува Велкоски.

Внуката Мирјана се сеќава кога се отворала продавницата “Бата”, Борово. Дедо í викнал со чувство за римување: “Чујте, почујте народе. Се отвора продавница за чевли и опинци и за граѓани и за селани”.

Ударничките, работните акции ги најавувал редовно: “Утре во шест часот ќе свирни сирената, сé што е вредно за работа, со мотика и алат в рака, на Шаторов камен ќе се садат борчиња”.

Трбиќ ќе му градел споменик на живот.

Дуче бил вработен во Одборот. Од таму се пензионирал. Соработувал со партизаните, со Чесноска, Вера Циривири… Голем пријател бил со српскиот политичар Василие Трбиќ. Секој ден разговорал со него в канцеларија.

 Трбиќ го сакал духот од Дучета. Рекол дека покрај на магарето прилепско, и нему ќе му крени споменик. Дуче тоа го искоментирал. “Еј мажи прилепчани. Трбиќ ќе ми крени споменик на живот три дена пред изборите за градоначалник. Како споменик, ќе зборувам и ќе викам низ чаршијата – гласајте сите за Трбиќ, да му го видите аирот и бериќетот, да ви заоди на арно. Оти Трбиќ сé што кажал, се излагал”.

Сам го одржувал барабанчето, кое му било поддршка при  разгласување, за собирање на луѓето привлекување на вниманието. На една попрометна улица, кога ќе се кажела веста, потоа луѓето си разгласувале меѓу себе.

Внуката Мирјана се гордее на дедо í. Пензионерските денови ги поминал со радиото на уво. Слушал вести и се шегувал. Бил љубител на деца и им кажувал приказни.

– Го почитуваа луѓето. Уживаше авторитет, оти беше информатор додека пропеа радиото. Умре во 1971 година. Ми пренесуваа дека одел покрај пруга кон сточното пазариште да купи јагне за Велигден. Бидејќи не слушал, паднал од едната страна на пругата, одејќи по каменитиот дел. Го турнале брзината на возот и притисокот на воздух во провалија. Не е изгазен. На погребот го испратија над 300 луѓе, и од медиумите и цела Македонија – кажува Мирјана.

После него се велеше – замина Дуче, го наследи Гога Зафироски, првиот спикер на Радио Прилеп. Гласот на радиото го “згасна” славното тропање на барабанчето. Не згаснаа прилепските курналаци, анегдоти, случки од ризница на прилепскиот дух.

Првиот новинар – Дуче

Градска – општинска политика имаше официјален карактер преку Дуче Барабанџијата.

Вака пишува во делот за информирањето, доајенот на прилепското новинарство Димитар Темелкоски – Диката во книгата “Времеод – Ламенти” од 1994 г.

Според него, Дуче бил првиот новинар. Ја продолжил професијата од бугарското. По денешно, бил “партиски неопределен”.

Во книгата стои дека власта му ги пишувала на Дуче одлуките на книже. Тој го учел текстот напамет и по стотина метри веќе се слушало брзото тропање на барабанчето кое завршувал со “туш”.

Го опишува неговиот физички изглед.

За тие времиња, старо ниско човече, со бели мустаќи, со синкасто продорни очи, сокриени зад масивните очила со дебела диоптрија, качкет на главата и барабанче обесено за вратот и “потпрено” на стомакот, иако тој немаше којзнае колкав мев.

Loading