ЦРТЕЖИ  НА РОДОЉУБ АНАСТАСОВ

Изложба

“Визии – Глава полна со луѓе” е изложбата со дела од доајенот на  македонското сликарство, Родољуб Анастасов што ќе биде отворена во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” во вторник. Ќе бидат претставени  неизложена серија на цртежи, работени со молив и молив во боја на хартија, во мали формати каде Анастасов, од својот мемориски трезор изнедри повеќе од 200 портрети од 2016-2022 година.

Автор и куратор на изложбата е Јасминка Намичева.

– Серијата на цртежи е автобиографска. Портретираните се луѓе, на еден или на друг начин, а биле дел од неговиот живот или барем ги сретнал на животната патека и останале запишани во неговата меморија. Филозофски, низ мемориските репродукции како повторувања, реконструкции и меѓусебни врски на запомнетото, е соочување со смислата и бессмислата на животот. Психолошки, таа е креативно ослободување од нараснатиот притисок акумулиран од регресивното ментално патување по личната животна патека – се вели во образложението за изложбата.

Анастасов е еден од најважните современи уметници. Во 2009 година, американскиот биографски институт го вброи меѓу 500 најголеми генијалци во светот во 21 век.

Loading