Промоција
“Културолошките точки на Македонија” од м-р Александар Јорданоски е книгата што во организација на Институот за старословенска култура, ќе биде промовирана утревечер од 18 часот во библиотеката. Се работи за збирка од текстови преку кои се мапира, организира и детерминираат културолошките точки на Македонија. Модератор ќе биде д-р Ели Луческа, а за книгата ќе говори д-р Марјан Патлиџанковски.
Јорданоски, кој досега бил ангажиран во бројни институции за грижа за материјалното, нематеријалното и духовното наследство, прави ориентир кој треба да се консултира со понатамошните обиди за сериозен дијалог во врска со културното наследство и неговата историска орбита.
– Јорданоски, во стил на театарски инспициент, деликатно, но решително и упорно, укажува на вредностите и на заложбите за заштита на автохтоните врзивни точки на живеењето во Македонија. Збирката содржи корисни информации, со прецизни детерминации на културолошките поими, со критички осврти на актуелните проблеми на културното наследство и со сериозни укажувања на неопходните правци на движење во заштитата на идентитетските категории, произлезена од неговата дводецениска посветеност на културата и претставува репрезенативно четиво за сегашните и идните генерации – вели д-р Елизабета Димитрова.
Јорданоски е автор на бројни текстови, стручни трудови за македонскиот јазик од гледиште на културното наследство, на колумни преку кои дава критички осврт на културолошките состојби во Македонија.