„ДОБРО УТРО, РЕЗИЛ НА ВЕКОВ“

Како секаде што има богаташки синови што не работат ништо, така имало и во Прилеп. Дали тој бил од Бомболовци, Аџи-Здравевци, Аџи-Ристевци, Аџи-Илиовци, Тепајмајковци, Палисламовци, Корвезировци, Колимагаревци, не би можело точно да се каже, но главно бил чорбаџиски син. Ништо не работел, ами секое утро одел на кафе и, кога било топло времето, седел пред кафето и пиел кафе, чај, пушел тутун на голем скапоцен чибук со голем килибар.

Врвејќи Пејо еднаш по сокак пред кафето, го забележал и му дал еден селјам:

– Добро утро, цар на веков – му рекол тој.

На овега му поласкале овие зборови, го викнал Пеја и му дал грош да се напие едно кафе или ракија. Пејо разбрал дека му ласкаат овие зборови на богатиов, та и утредента тоа го повторил. Пак добил грош и отишол на анот и не само ракија и кафе, со грошот го платил целиот трошок за тој ден. Му се заарнило на Пеја, та продолжил цела недела и цел месец.

За несреќата на Пеја, богатиов син се оженил. Излегол пак пред кафето и го чека Пеја да го поздрави со пријателскиот поздрав. Но, Пејо разбрал дека се оженил и место познатиот поздрав “добро утро, цар на веков”, му запнал едно “добро утро, слуга на веков”. Се растревожил богатиов и го прашал Пеја:

– Зошто ме направи ти мене слуга на веков?

– Ќе видиш од утре кога ќе ти забрани жената да седиш слободно пред кафето. Кога ќе ти се народат деца, ќе видиш каков слуга ќе станеш. Овој се налутил, но пак му дал грош. Станал, отишол дома и ја избркал невестата. Утредента пак седнал пред кафето и одвај чекал да помине Пејо и да го поздрави како понапред со “добро утро, цар на веков”.

Но Пејо ја разбрал и оддалеку му викнал:

– Добро утро, резил на веков!

Овој скокнал од столот и му се приближил на Пеја готов да му удри една преку очи што го навредил, но првин да го прашал:

– Зошто сум резил на веков, пријателе?

Пејо се насмевнал, се поиставил два-три чекори и му одговорил:

– Зар има поголем резил од овој да ја избркаш златна невеста за едно “добро утро, цар на веков”?

Горделивиот богаташки син не можел тоа да го разбере, а Пејо не сакал да му го полни умот. Го јавна магарето и заминал за Мариово да им раскажува на Мариовците какви горделиви и глупави луѓе има на светов.

Loading