КЛАЦКАЊЕТО НА ЧЕЗАТА

Атракција е денес да се види чеза со три дами. Превозот би бил куриозитет за празници, свадби и други свечености за паметење. За жал, чезите исчезнаа. Ги одвеа вејката. Останаа само на фотографиите или за сувенири, за иконографија на старите добри времиња во некои ресторани.

Чезите биле својствен превоз на чорбаџиите и на селските кметови. Поимотните луѓе од село, доаѓале в град да пазарат сол или масло и по некоја басма и газија. Градските ги одржувале чезите за довде-онде. За подалечните релации за превоз, како за кај валијата или мудурот во Битола или Солун, се качувале на пајтон или на ландон. Чезата превезувала по некој неарен кај екимите и бајачките или до некоја исцелителна вода надвор од градот.

Затоа, чезата, тргана од еден коњ, за двајца патници навира кај многумина пријатни мигови на клацкање по прашливите друмови и на потскокнување на ретката калдрма.

Помлад прилепчанец се зафати да создава чези на ново. Се подзатскрива, оти стравува дека неговиот редок “бизнис” по порачка може да биде оценет како нелегално производство.

Loading