ЏЕМС БОНД ОД НАШАТА ЛИВАДА

Во времето кога седмата уметност – филмот, се пробивала во Прилеп, веднаш почнало да врие од домашни “актери”. Несудените глумци – гледачите, се чуделе и воодушевувале на неверојатните подвизи на холивудските ѕвезди, видени на големото платно, а ги повторувале после филмот.

Репертоарот на филмови бил скромен. И “шнајдерите” (луѓето што го проектирале филмот) во киното знаеле што сака публиката. Билетите за партизанските, вестерн – каубојските и филмовите со Џемс Бонд се распродавале акциски, и по фабриките, и по задругите и по болницата, па во кино салата секогаш имало шаренолика публика. Тоа било местото, каде, како во казан, се мешале доктори, инженери, работници и селани. Филмовите биле едноставни за разбирање – каубојците ги победувале “црвенокожците”, партизаните ги надмудрувале Германците, а Џемс Бонд на крајот ја добивал најубавата девојка од злосторникот.

Импресиите за јунаците од “Отпишаните”, “Добриот, лошиот и грдиот”, и “Голдфингер”, никогаш не останувале само во салата. По проекцијата скоро секој го имитирал Прле, Тихи, Бата Живоиновиќ, Клинт Иствуд или Роџер Мур, на прилепски начин. Кореографијата ја приспособувале од тоа што ќе нашле дома.

Така на фотографијава гледаме млад човек со пиштол, “заштитен” со велосипед, како пука кон невидливите Германци, злосторниците или лошите момчиња. Му недостасува Астон Мартинот на Џемс Бонд со сите додатоци што ги имал агентот со дозвола за убивање – 007.    

Loading