ЖЕНАТА МОЈА – ДЕТЕТО ТУЈЏО

Пејо пресекол еден даб во нивата без дозвола. Шумарот му поднесол пријава до судијата во Прилеп. Пејо добил покана. Во судот Пејо го замолил судијата да му каже зошто го вика и да гледа побргу да го пушти да си оди оти го чека Пејовица болна.

-Си направил Пејо прекршок. Зато ќе одговараш – му рекол судијата.

Пејо се вознемирил и почнал да се брани.

-Другар судија, кај сум можел јас толкав даб да прекршам. Лаже шумарот. Го пресеков со секирата од корен. Види, види што беање ми вади – рекол Пејо и се крстел, па си рекол.

“Сигурно казната е поголема ако го скрши човек дрвото, отколку да го пресече со секира. Затоа така напишал тој пеземекот, шумарот”.

Судијата му се обратил на Пеја.

-Те тужи шумарот. Си го прекршил законот за шумите.

Пејо уште покисел во лицето, издивнал длабоко и испуштил тажен дебел глас.

-Ш то ми наврзал тој ајзус, шумарот – рекол Пејо.

-Лаже. Кај се видело и чуло да се крше закон? Да пишал, оти сум го искинал законот, да му веруваш. Книгата се кине. А тој вели дека сум го искршил законот. Се кршела книга, џабе? Прво вели дека сум  искршил онолкав даб, вели сум го искршил законот напишан на книга. Жити здравје, уште што сум искршил? Да не сум ја искршил и баба му, па и за неа да ме тужи?

Судијата го погледнал Пејо и си припомнал за некогашниот негов имењак од Мариово рекол.

-Не сум јас некогашниот прилепски кадија да ме возиш, ти на твојата кола, не! Те тужи шумарот дека си пресекол еден даб без шумска дозвола и си го прекршил законот. Признаваш, нели?

– Оти го пресеков, го пресеков. За то суди ме. Ама, да не ми го товариш другото шо го викаш прекршок. Дабот беше во мојата нива. Шо сакам, че му прам. И за то имам некој кабает – прашал Пејо.

-Има, има. Нивата е твоја, а дрвата се под заштита на државата. Без одобрение не смее никој да ги сече – рекол судијата.

-Разбрав, демек, че ме казниш за дабот што го пресеков во мојата нива?

-Ќе те казнам, де!

-Ами за шо плајчам порез на нивата?

-Данок плаќаш на земјата, а дрвата се башка есап!

-Уше ова не сум го чул. Овцата моја, а руното туѓо. Да не речам, жената мојата, а детето тујџо. Казнувај, стопанка му, ако е така…

Loading