ДОАЃА ФИНСКИОТ КОКС

Ракомет

На два месеца до Осмиот меморијален ракометен турнир “Миле Нешковски” веќе се знае дека ќе биде еден од најдолготрајните и најсилните досега. Првпат ќе трае четири дена, од 25 до 28 август. За квалитетот придонес ќе имаат две мошне силни екипи од странство – Дубочица Лесковац од Србија и Кокс од Финска. За Дубочица познато е дека многупати била гостин во Прилеп, не само на овој турнир, туку и на некогашниот “Гана-Мери”. Една од најсилните екипи во Србија, петтопласирана во последното првенство од Супер лигата.

Интересно е и тоа што од далечната Финска доаѓа екипата Кокс. Веќе петнаесетина години безмалку редовно учествува во европските куп-натпреварувања. Има настапи и во Лигата на шампионите. Во нејзиниот состав се ракометари од десет држави: Финска, Португалија, Босна и Херцеговина, Полска, Франција, Русија, Белорусија, Молдавија, Грузија и Србија.

Од Македонија учесници се: Мултиесенс, Пролет и Скопје (Скопје), Еурофарм Пелистер 2 (Битола), Струга и домаќинот Прилеп.

Собирот во јули

Некогаш ракометарите на суперлигашот Прилеп подготовките за наредната сезона ги почнуваа по празникот  Свети Илија, а во последно време недела-две порано. Така е и овојпат, според најавите од клупското раководство. Планот е првиот тренинг да биде околу 25 јули.

Клубот продолжува договори со досегашни првотимци, а доведува и нови – како левиот бек Никола Цветаноски (Струга) и пивотот Томче Трајчевски (Радовиш).

Loading