БОРБА ЗА ТИТУЛАТА ВО „ДОБРЕ ЈОВАНОСКИ“

Пинг-понг

В сабота во салата од ОУ “Добре Јованоски” почнува финалето од плеј-офот на пингпонгарската Супер лига, за добивање екипен шампион на Македонија. Се среќаваат најдобрите од основниот дел и од полуфиналето, Младост 96 (Прилеп) и Телеком нец 2 (Скопје). Шампион ќе биде тимот кој ќе стигне до два добиени меча. Почетокот е од 0:0, бидејќи претходно и двата ривала во меѓусебните дуели имаа по една победа. Првиот меч е во Прилеп, вториот в недела во Скопје, евентуалниот трет, “мајсторката” на 10 јуни во Прилеп.

За Младост 96 настапуваат Србинот Ѓорѓе Борчиќ, Петар Костовски, Антонио Стомнароски и Андреј Лашкоски, неизвесен е Раиф Рустемовски, а отсутен Александар Рикалоски. За Телеком нец 2 се очекува да играат Србинот Милош Миленковиќ, Роберт Михајловски, Димитрие Жоговски и Горан Тиловски.

Влезот во салата е слободен.

Loading