СЕ МНОЖАТ АЛАЛ ПАРИ

Си било едно дете главено кај еден тргоец за слуга. Му работило една година. Тргоецот му платил што му чинело. Детето му ги вратило парите. Задржало само три пари. Отишло покрај река, та пуштило во водата да види дали ќе пропаднат. Едно пуштило, и му пропаднале. Другата година пак така. И треќа година не му пропаднале парите, и тие веќе имало за алал. Четвртата година пак останало у тргоецот да му служит.

Сторил ниет тргоецот да одит на панаѓур. Детето му дало трите пари да му купит нешто стока. Зел тргоецот трите пари и се насмеал.

– Ќе ти купам една свирка за триве пари.

Момчето чуло и недраго му паднало.

– Мајсторе, и мене земи ме на панаир да ти чинам измет барем по патот.

Тргнале. Уште невлезени в море, видело детево покрај море три деца кај тепаат едно маченце. Му се нажалило и посакало да го откинит од децата. Децата не слушале, ами сакале да го отепаат. Најпосле помолило со по една пара и го откинало. Си го зело, та си ошло при мајстора си.

Со гемија тргнале по море. Пливале донекаде. Се кренале големи талази. Ја отерале гемијата до некоја ада (остров). Ја врзале и излегле. И пречекале луѓе, та и  зеле на вечера. Кај тргоецот и детето вечерта надошле од селаните на муабет. Ставиле да вечераат и му дале на секого по еден стап в рака и му рекле да се бранат оти ќе излезат многу глувци, та ќе му грабаат лебот. Кога чу детето, си го зеде мачето од дисагите. Го држало в раце за глувците. Го ставиле лебот на трпеза и наизлегле едночудо глувци. Детето го пуштило мачето, та ги грабнало глувците. Пискале, трештиле на бегање, кој кај му очи – таму му глаа. Полојната ги издавило, а друзите се искриле по дупките.

Селаните виделе јунак во мачорчето. Се молеле да му го продаит. Тргоецот му рекол на луѓето:

– Колку илјади ќе даите да го даам мачорчето да ги сотрит сите глувци и да куртулисате од глувчите маки?

– Колку сакаш ќе ти дајме, аман, да ни го даиш – му рекле селаните.

Му дале пари и отишле на панаир, кај што бил ниетот. Колку што зел стока мајстор му, вудве зел калвата и се сторил голем тргоец.

Ете како се множат алал пари.

Loading