ПРОЕКТИ ЗА ЗАШТИТА НА ТРЕСКАВЕЦ

Заводот и музеј започна со изработка на проекти за заштита на црквата Успение на Пресвета Богородица на Трескавец. До крајот на октомври црквата треба да биде заштитена од влагата, бидејќи е најголема опасност за уништувањето на ова непроценливо културно богатство, кое е на листата на светски загрозени објекти. Паралелно се работи и на проектот за санација и реставрација на фрескоживописот и на целата градба на црквата стара осум века.

Завод и музеј доби од Министерството за култура 8,2 милиона денари за овие проекти.

-Се проектираат хидрогеолошките истражувања. Во контакт сме со фирмата која ќе го изработува проектот и ќе го реализира. Проектот треба да го доставиме до Министерството и до Управата за заштита на културното наследство. По одобрувањето ќе почне реализација. Хидрогеолошките истражувања се значајни за состојбата на влагата поради водата која навлегува во црквата со која се оштетени ѕидовите. Најоштетени се источниот и северниот ѕид. Водата навлегувала од врвот Златоврв. Со интервенцијата, односно со работата на хидрогеолошките истражувања ќе завршиме голема работа и ќе ја олесниме реставрацијата и заштитата и на фрескоживописот во црквата, но и на трпезаријата кои се засегнати. Влагата достигнува од 60-80 насто. Се надевам дека полека ќе ја отстраниме. За заштита ќе се копа длабок канал за дренажа на водите. Хидрогеолошките истражувања ќе завршат до крајот на октомври. Зависи од временската состојба. Имаме гаранција дека со изведбата на дренажниот канал на длабочина, од 3-4 метри, би ги насочиле водите од Златоврв да излезат по страните на манастирот, да може да ги изведеме на јужната страна и да излезат од манастирскиот комплекс без да прават повеќе проблеми. Изведувачот се заложува да го заштити дренажниот канал кој ќе биде во комбинирана форма, отворен и затворен дел – објаснува Горан Цветкоски, директор на музејот.

Проектот за реставрација и реконструкција на црквата е во завршна фаза и треба да биде готов до септември.

-Добиена е тендерската документација. Го работи стручен тим од претставници од ИЗИС, од Градежниот факултет од Скопје, од нашиот музеј, а како консултант е професорот од Грција, Препис. Стручниот тим беше на местото, ги констатира проблемите и се надевам дека до крајот на август и почетокот на септември ќе биде готов проектот за санација и реконструкција на црквата Успение на Пресвета Богородица на Трескавец. Работите на овој проект ќе течат наредната година – додава Цветкоски.

По десет години од пожарот на конаците тие се изградени, но не може да се стават во функција оти не е направен технички прием. Приемот го сопира неизградената пречистителна станица за што со години има проект и одвоени средства. Најавите се дека годинава ќе се гради.

Loading