30 АПРИЛ, ПОСЛЕДЕН РОК ЗА СЕЛЕКЦИЈА

За МТФ “Војдан Чернодрински”

Уметничката директорка на фестивалот д-р Ана Стојаноска редовно ги следи  театарските претстави, независно дали се премиери или се на редовниот репертоар. Според неа, селекцијата ќе биде направена од актуелните претстави на сите професионални театри за фестивалот што ќе се одржи од 9 до 16 јуни. Последниот рок за селекција е 30 април.

Освен официјалната селекција, ќе се изберат претстави во оф програмата.

Ќе биде пуштен и повик за претстави од независни продукциии за претстави од домашни автори. Бидејќи една од главните идеи на Стојаноска е да се промовира македонскиот драмски текст, потсетува дека во тек е конкурсот за откуп на необјавен и непоставуван драмски текст во соработка со Минстерството за култура.

Минатиот месец, тимот на МТФ, работеше постојано според платформата “Враќање дома”.

-Тимот на фестивалот се обидува да ги инспирира општествено – одговорните компании и поединци да помогнат во реализацијата на фестивалот, со цел, сите гости и учесници да бидат присутни во Прилеп, постојано меѓу 9 и 16 јуни, кога се одржува фестивалот. Тоа е потребно и поради создавањето на активни фестивалски зони на неколку различни места во градот и кои имаат за цел градот да стане театар. Учениците од прилепските училишта уживаа во работилниците водени од режисерот Милош Б. Андоновски. Со нетрпение ја очекуваа секоја следна сабота да се втурнат во нови театарски предизвици. Месецов соработник на Андоновски беше актерот Мартин Манев, чија пасија е сценографијата. Се обиде на учесниците да им го доближи овој сегмент од театарската уметност. Не ги заборавивме и театарскиот времеплов низ нашите меморабилии, односно што се случувало во 1969 и 1970 година на фестивалот. Засилено ја насочуваме нашата енергија како да допреме до поголема публика за време на фестивалот, публика која в година ќе сака пак да биде дел од фестивалот. Во соработка со “Театар за сите” и Британската амбасада раскажуваме нова театарска видео приказна. Се потсетивме на актерите кои ја добиле наградата за најдобар млад актер “Трајко Чоревски” во последните пет години – велат од МТФ.

Loading