ПРИПИТОМЕНА РЕКА

Оревоечката Река, која го дели градот на два дела, некогаш знаела да подиви, да изненади и да поплави. Затоа властите, пред годините, ја смириле со градба на камено високо корито, кое последниве децении само неколкупати се наполнило со рам, такаречи “догоре”, со опасност да се излее, а дивите надојдени води да ги урнат како играчка неколкуте градски мостови.

Имало сериозни водени стихии. Граѓаните, заедно со локалната власт, ја насочиле реката во високото корито, да не им прави пакост, кога ќе збесние. Помагале здружено, со работна акција, да се изгради здраво корито со изделкани грамадни гранитни коцки и да се “вразуми” Реката. Не се штеделе, туку рамо до рамо со работниците, меѓу два коша тутун, се земале копачите и лопатите и се помогало со дрвените колички.

Веќе нема страв од излевање. Питома е Градската Река, како што сега ја викаме Оревоечка. Не успева да пакости меѓу двете корита. Водата не е чиста како некогаш, кога живееле риби, а децата ловеле со бинтови. Со филтерската станица водата постепено се бистри.

Loading