“ПАНТА РЕИ” – ИЗЛОЖБАТА НА СКУЛПТУРИ ОД МАРЈАН СТОЈАНОСКИ

Во Софија

В среда, од 18:30 часот, во галеријата на КИЦ на Република Македонија во Софија, ќе биде отворена изложбата “Панта рхеи” на нашиот уметник Марјан Стојаноски. Стојаноски во Софија ќе се претстави со ротирачки скулптури, работени со користење на метал и елементи од дрво. Делата се создавани последните две години и беа претставени во КИЦ Скопје.

Според м-р Бранче Трајкоски, Стојаноски, во скулптуралната поставка ги дава на увид досегашните остварувања, каде неговиот творечки интерес во континуитет се движи меѓу две литерарно-уметнички теми на инспирација – актуелизирањето на Мѕтхос во современата уметност како желба на модерната епоха да ја има во своите карактеристики, и пројавувањето на Логос-от во креативните интерпретации (т.е. желбите на постмодерната епоха).

-Во новиот циклус Панта реи, е внесен и онтолошкиот, и историскиот момент при градењето на скулптуралната нарација. Наративните модели на митското раскажување со филозофската мисловна логика преку процеси на деконструкција и реконструкција, се доведени во врска, природно спакувана во поетиката на авторот, кој неретко создава синестезички односи меѓу визуелните впечатоци на различните материјали во просторот – вели Трајкоски за изложбата на Стојаноски.

Уметникот Марјан Стојаноски завршил ФЛУ во Скопје. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп, каде што во 2015 година ја добива наградата за скулптура “Јордан Грабул”. Имал голем број на изложби, како самостојни, така и групни.

Loading