„МИЛЕ НЕШКОВСКИ“ – ТУРНИР ВАЖЕН КОЛКУ ПРВЕНСТВОТО

Ракомет

Меморијалниот ракометен турнир ,,Миле Нешковски,, по седми пат ќе се одржи во салата од СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,,, со учество на четири домашни и две странски екипи. Турнирот е подготовка на екипите за првенствените предизвици. Важен е за Прилеп, град кој е ,,гладен,, за квалитетни спортски настани. Оттука секое негово издание се чека со нетрпение. За три дена (26, 27 и 28 август) на едно место ќе се видат тимови од различни лиги: три од македонската Супер лига (Прилеп, Струга, Скопје), по една од македонската Прва лига (Мулти есенс од Скопје), од српската Супер лига (Дубочица од Лесковац) и од грчката Супер лига (ПАОК од Солун).

– Ова издание е на повисоко ниво. Претстои ракометно уживање на турнирот со кој го чуваме споменот за Миле Нешковски. Влезот во салата е слободен – информира Рубин Седлоски, претседател на Организациониот одбор.

Според претходните шест изданија, победничкиот пехар тешко се освојува. Само битолски Пелистер двапати е победник, по еднаш Охрид, скопските Пролет и Металург 2, како и кавадаречки Тиквеш.

Тренинзи крај езеро

Повеќе од три недели се тренинзите низ градот и околината на машкиот ракометен суперлигаш Прилеп, под водство на тренерот Реваз Чантурија. Се тренира крај вештачкото езеро. Нов во клубот е повратникот, пивотот Пеце Ѓорѓиески од Струга. Планирани се уште неколкумина.

Првиот пријателски меч дома со Струга беше нерешено, 29:29.

Loading