ЈАЗИЧНА  КАША – ПОПАРА

Вести на некоја телевизија. Првата реченица: “На повидок, нова цена на струјата”. Што ли е тоа “повидок”. Што значи тој збор? Кој го измисли? А го слушаме често. Не значи ништо. Постои именка “видок”, но со сосема поинакво значење. И со многу ретка употерба. На пример: “Ќе ти дојдам на видок”. Многу ретко се користи, како што е ретка употребата и на сличната именка “бацок”, наместо бакнеж. ПОВИДОК не значи ништо. Ако се загледува, се насетува нешто, може да се употреби зборот “видик”. Го има во сите речници. “На видикот е нова цена на струјата”. Така би требало да гласи реченицата.

Радио Скопје. Така, па така, тоа, па тоа! Почнува емисијата “Тука околу нас”. Уште не се сетија дека ако е околу нас тогаш е “овде”, а не “тука”. А ако е околу вас, ќе биде “тука околу вас”. Почнува емисијата. Водителката најавува разговор со поранешен амбасадор. Вели: “Следи разговорот”. Драга госпоѓо! Разговорот никого и ништо не следи. Требаше да кажете: “Следува разговорот”. Следи и следува не е исто. Вие тоа треба да го знаете. Следува е нешто што доаѓа, нешто што ќе биде, нешто што треба да се случи, а следи значи набљудува, посматра.

Струјата е честа тема последно време. Актуелно е поскапувањето. Сите медиуми известуваат колку ќе поскапи и кога ќе се случи тоа. Презентер од една ТВ соопштува кога ќе дознаеме колкаво ќе биде поскапувањето. Вели: “Регулаторната комсија ќе го направи тоа во среда”. Во среда, нели? Ама во која среда? Зошто не вели дека тоа ќе биде в среда, значи наредната среда, а не некоја си непозната среда. Редовна погрешна употреба на предлогот “во”. Не знаат дека тој има долга форма “во” и кратка “в”. А кои се тие што не знаат? Тоа се тие што треба да го знаат тоа најмногу.

Условите во затворот  Идризово биле лоши. По собите шетале лебарки и бубашваби. Така бевме информирани. А, тој што информира не знаел дека лебарките се бубашваби. Чудно е зошто мнозина го користат српскиот термин – бубашваби. Кај нас тоа се лебарки. Но, на нашиот известувач му се испомешаа зборовите, па излегоа и лебарки и бубашваби, како да се тоа два вида на инсекти.

На квиз на една од ТВ читаме превод на (божем) македонски јазик. Водителот, некој голем шерет, сака да прави и разни смешки. Меѓу другото, решил да покаже колкупати може да клекне и да стане. Го прави тој тоа и се разбира зборува на српски, а ние читаме превод. Известени сме колку ЧУЧЊЕВИ успеал да направи. ЧУЧЊЕВИ!? Знаете, има тука и преведувач и лектор. Нема да нé остават така да не разбереме колкупати клекнал водителот. Читаме на македонски. Ете ни кажаа толку и толку чучњеви. Да благословиме! Да ни се множат ваквите преведувачи и ваквите лектори.

Синдикалецот вели “Нема да штрајкуваме на работното место, ќе штрајкува насекаде”. При толку штрајкови и протести уште не научија што е едното, а што другото. Се штрајкува на работното место, се друго е протест. А колкупати сме чуле дека некои штрајкувале пред Владата, некои пред Собранието, а некои по патиштата… Ех, кога би се случил некој протест поради нечистиот јазик! Не да протестираме поради тоа што Бугарите не ни го признаваат јазикот. Да протестираме затоа што ние самите го бербатиме, го изопачуваме и секој зборува како ќе му текне.

Еве, лично, иако знаеме дека никому тоа нема да му значи ништо протестираме против јазикот што го слушаме во хумористичната емисија – “Зевзекманија”. Дали треба да се смееме гледајќи ја оваа емисија. Да! Така треба. Така мислат и авторите и интерпретаторите. Меѓу другото, тие не се неинвентивни и недуховити. Што е тоа што ги тера на ваков говор. Само еден пример. Поводот им е тоа дека од Владата велат оти не добиле известување од Париз. Тие го иронизираат случајот. Велат дека можеби некој “голуб писмоноша” го донесол писмото. Ете – ГОЛУБ ПИСМОНОША. Се прашуваме, што ќе изгубеше емисијата ако беше ГУЛАБ ПИСМОНОСЕЦ.

Го споменуваме само овој пример, а сиот јазик во емисијата е во овој стил.

За жал, за жал, за жал !

Loading