ШАНСАТА НА ПОБЕДА Е ТИКВЕШ.

Фудбал

Секогаш е многу битен стартот во првенството, а Победа лошо почна во Првата фудбалска лига. Во Струга ем е поразена, ем со висок резултат од 3:0.  Навивачите преку ТВ ја видоа бледата игра и веднаш се рашири песимизам. Секој со правото на сопствено мислење, а тука е и стручниот поглед.

– Се послаба игра, се влечат повеќе поуки. Нашата идеја да се затворат централните простори, да се принуди противникот да напаѓа, странично, успешно ја спроведовме до последната секунда на првиот дел. Тогаш со еден подарок примивме гол… Противникот беше надмоќен, но не толку добар колку што му го дозволивме. Не сме толку лоши како што изгледавме. Очекувам сосема нова слика против Тиквеш – вели Бобан Бабунски, шефот на Стручниот штаб на Победа.

Стратегот истакнува дека еден меч не е мерило, туку континуитетот, серија на натпревари. Може да се одигра најдобро еден меч, потоа да има пад, или обратно. Ова важи и за екипата и за секој поединец. Само повеќе одиграни натпревари можат да ја дадат реалната оценка за вредноста. Оттука, надежта дека веќе в недела (17 ч.) на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, може да биде многу подобро, во дуелот со Тиквеш. Предноста се гледа во домашниот терен и амбиентот од повеќе илјади гледачи.

– Тиквеш, воден од мојот добар пријател и некогашен соиграч Влатко Костов,  има доста засилувања. Располага со искусни играчи на секоја позиција. Верувам дека ќе го покажеме оној квалитет кој се најавуваше во подготвителниот период. Се надевам на похрабра игра и поволен резултат – подвлекува Бабунски.

Покрај прилепски, се очекуваат гледачи и од Кавадарци. Соседско дерби. Во двата тима има засилувања од спротивниот табор. Кај Победа е кавадарчанецот Методија Делов, а кај Тиквеш се прилепчаните Стефан Наумчески и Даниел Карчески.

Осуммина нови

Преодниот рок уште трае. Не е конечен списокот новодојдени. Досега пристапија осуммина: голманот Ѓорѓи Јованоски, одбранбените Методија Делов, Огнен Ѓурковиќ и Игор Паноски, за врска Хамза Рамани, левите странични Агон Хани и Христијан Коцев, левиот страничен Марко Симуновиќ.

Уште неколку странци од Нигерија и Англија се надеваат на пристапување.

Loading