КОЈ ИМА ПРАВО

Одамна, на тогашната прилепска ТВ следевме разговор со раководител на висока државна институција за јазикот – Институтот за македонски јазик. Утредента се сретнеме и водевме подолг разговор. Му рековме дека бевме воодушевени од чистотата и правилната употреба на македонскиот јазик – “Ви се изнаслушав, зашто ваквите убави излагања се ретки”. Имајќи голем, преголем респект, се осмеливме да кажеме дека забележавме една грешка. Веднаш уследи прашањето: “Која е таа грешка”? А која беше грешката? Во разговорот со новинарката, во еден момент, соговорникот и рече: “Вие сте во право”. Тој израз го сметаме за погрешен. Преземен е од српскиот јазик. Кај нас тоа би требало да гласи: “Имате право”. По малку срамежливо ја направивме забелешката, а и господинот, и неговата реакција, навестуваше дека тој не ја почуствува многу пријатно. Во таква ситуација веќе проработува и суетата. Господинот тврдеше дека тука нема никаква грешка, но, во таа реакција се насетуваше од каква позиција се врши одбраната. Како да провејуваше тоа дека треба да се знае кој е кој, и кој знае, а кој не знае. Бевме сигурни во своето тврдење. Мислевме дека и господинот ќе прифати и дека грешката била ненамерна и случајна. Тој тврдеше дека не постои грешка. Имаше тука и други присутни. Не можеме да кажеме дека се чувствувавме многу пријатно. Нормално е, присутните да веруваат во човекот од таква висока позиција, отколку на некојси Благоја Ивчески. Ќе кажеме уште тоа дека господинот сме го гледале на други ТВ, и сме се воодушевувале од убавиот и чист македонски јазик.

Изразот “Во право си”. Ние уште тврдиме, а и со факти настојуваме да го потврдиме дека е погрешен. Како и во многу други случаи и овде, без никаква потреба, позајмен е српскиот израз “У праву си”. Кај нас тоа треба да гласи: “Прав си” или “Имаш право”. Вакви изрази (имаш право) сме сретнале во текстови од Блаже Конески. Лично сме разговарале со Благоја Корубин. Сме кажале и во друга пригода дека со него сме имале можност да бидеме заедно 4 – 5 часа. Го бомбардиравме со многу прашања за работи што не ни се јасни. За изразот “Во право си” верувавме дека е погрешен. Баравме само потврда. Се разбира, тоа и се случи. А колку што се сеќаваме, тој пишуваше за тоа во “Јазичното катче” што го уредуваше во Нова Македонија.

Илија Милчин, осведочен познавач на македонскиот литературен јазик, се нервираше кога ќе чуеше: “Во право си”. Велеше: “А како ќе биде спротивното, веројатно – “Во криво си”.

За овој погрешен израз (во право си) сме сретнале и во билтените на Стефан Зиглин, долгогодишен лектор во Радио Скопје.

Најголем доказ за нашето тврдење е Речникот. Зборуваме за тритомниот. Најновиот, Толковниот Речник во моментов не ни е достапен.

Разговорот со господинлот, нé не оставаше спокоен подолго време. Не сакавме со нашата забелешка да создадеме некаква непријатна и мачна атмосфера. Сепак, се случи тоа. Тоа долгогодишно неспокојство го носиме во себе и сега. Најпосле го изнесуваме нашето мислење или поточно, нашата увереност. Погрешен е изразот “Во право си”. Во Речникот зборот “право” е обработен многу детално. Неговата употреба е дадена во сите можни варијанти и со сите можни значења. Меѓу другото, објаснето е и тоа дека кога сакаме да потврдиме, оти некој не е виновен или дека е точно тоа што го зборува, ќе речеме “Прав си”. Или “Имаш право”. Обратното ќе биде “Не си прав” или “Немаш право”. Најважно и најбитно е тоа што таму е објаснето дека изразот “Имаш право” во српскиот јазик гласи “У праву си”.

Значи точно е дека ние сме го зеле оттаму, од српскиот јазик. Рековме, како и во многу други случаи, ги земаме без потреба српските зборови или изрази и ги преведуваме, ги помакедончуваме, а имаме наши!

НЕМАМЕ ПРАВО НА ТОА!

Loading