ДАЛДИСАНОСТ ПО БУБАМАРА

Можеби нема друг спорт освен фудбалот кој од создавањето се прошири на цела планета и стана “заеднички јазик” на сите нации. Секому се познати општите правила, радоста и тагата при постигнувањето гол, аплаузите и свирежите ги заробило умовите и на многу далдисани прилепчани,.

“Најважната споредна работа на светот”, го постигна зенитот со профитабилноста, договорите со спортските марки, трансферите вредни по стотици милиони евра. Место за клупска и репрезентативна слава, се игра за пари и издигнување да се стигне до попрестижен светски клуб.

Не било секогаш така. Ентузијазмот и љубовта ги победувале границите на немаштијата. Спонтано се собирале другари запалени по “бубамарата”. Формирале маалски тимови, за меѓусебен натпревар, без поени или лига. Фудбалерите се снаоѓале и во најлоши времиња, па со импровизирана опрема играле само за лично задоволство и задоволство на публиката. Тоа се гледа и од фотографијата, стара повеќе од половина век. Сигурно никој од играчите не мислел да игра во странство. Најдалеку “нишанеле” со умот кон тогашните југословенски топ четири тима, Партизан, Црвена Ѕвезда, Хајдук и Динамо. А и правилата не дозволувале играч помлад од 28 години да замине во странство. Затоа играле без пари, дриблале, шутирале само за да приберат повеќе публика, да биде побурен аплаузот што им ги полнел срцата и ги мотивирал за натамошни триумфи.    

Loading