ДВА РОМАНА ОД ДАНИЦА ПЕОВСКА

Писателката Даница Пеовска, членка на Клубот на литературни творци, ја збогати роднокрајната збирка со два романа, “Живот пренесуван  во ранец” и “Солзите на Анастасија”.

Првиот е специфична творба која го врзува јазолот на борбата, наречена живот. Главниот лик е херој кој расте како подмладок од стеблото на својата баба. Авторот е личност која го носи делото преку својата идеја и ги држи конците и движењата на ликовите.

Според Цеца Видова Трајческа, преку силата на зборот авторката создала врвици и патишта на ликови и нивните животи кои се пренесуваат во симболиката на ранецот.

– Со дебитантското дело, авторката го заслужува епитетот на романописец, оти се исполнети сите критериуми за создавање на епско дело. Очекувам да прерасне во автор кој ќе биде дел од современата македонска книжевност – вели Видова Трајческа.

Романот “Солзите на Анастасија” е за животот на Анастасија од детството  до длабоката старост. Се пренесува силна порака дека животот е еден и секој ден е нова борба и предизвик во кој треба да ја гледаме светлата страна. На специфичен начин е изградено делото со пресликување на реалното постоење на ликовите.

 Времето и просторот се составни елементи на раскажувањето во кое Пеовска создава целосна синхронизација со настаните.

Loading