“БЕЛЕГ НА ВРЕМЕТО” ОД ПАВЛИНА ИЛИЈЕСКА

Изложба

“Белег на времето” е тематската изложба на слики од уметницата Павлина Илијеска, отворена во ЦК “Марко Цепенков”. Претставени се десетина платна во голем формат со видувања на значајни прилепски локалитети, испреплетени со традицијата, културата.

Викторија Димеска, историчар на уметност, вели дека Илијеска создала обемен сликарски опус со мотиви инспирирани од родниот Прилеп.

– Сликајќи ги грандиозните градски споменици, креира културен континиум на историските текови кои оставиле карактеристични белези во минатото и кои на неповторлив и единствен начин ја обликуваат сегашноста. Сигурна во својата интуиција, таа храбро и достоинствено чекори во светот на ликовната уметност. Првпат користи монументални платна. Со минуциозното и пиктурално сликање на најситните детали во пејзажите и градската архитектура, целосно ја исполнува белата површина. Издвојувајќи се сокалиграфски сликарски ракопис, лирски сензибилитет и вибрантни боени ноти, автентичното уметничко творештво на Илијеска прераснува во културен ансамбл кој сведочи за историската и духовната вредност на градот – вели Димеска.

На отворањето на изложбата Мирјанка Селчанец го рецитираше “Тешкото”, а актерот Игор Трпчески презентираше македонска поезија, додека КУД Моминок се претстави со македонско оро.

Павлина Илијеска интензивно слика на 57 години, односно од 2006 година. Нејзиниот опус до 2015 година брои над 146 сликарски платна. Имала самостојни изложби во Лерин, Грција, во Прилеп и учествувала на групни на ДЛУП.

Loading