СЕКОЈ ИГРАЧ ДА БИДЕ ДВОЈНО ПОДОБАР ОТКОЛКУ ШТО БИЛ

Фудбал: Бобан Бабунски, нов тренер на Победа

Екипата на Победа во претстојното прволигашко првенство ќе биде водена од Бобан Бабунски, човек со богата играчка и тренерска кариера. Големо име и презиме, избор масовно одобрен од клупските симпатизери. А има причина зошто тој одбра да дојде во Прилеп.

– Работите се склопуваат кога имаме исти интереси, иста цел. Цел во животот му е да помагам на млади играчи да се креаираат и да стигнуваат до репрезентативните селекции. Тука гледам потенцијал. Стонасто сум сигурен дека дел од овие деца ќе ги гледаме во репрезентациите и дека ќе успеат да направат добри кариери – смета Бабунски.

Открива дека кај фудбалерите од ова поднебје му се допаѓа менталитетот, надменоста, самодовербата во карактерот, тоа што сакаат победи и не трпат порази. Младите се желни за докажување. Имаат амбиција. Оттука произлегуват потезите, по препознавање на талентот да се даде правилната насока, програмата за работа. Стремежот е кон многу повисоки стандарди.

– Да формираме играчи кои утре ќе се продадат, да бидат квалитетен продукт да може клубот да живее. Првин треба да се стекне резултат и да се создадат играчи. Овде видов мошне квалитетни фудбалери. Некои не се свесни за потенцијалот. Тоа ќе го разбудиме – најавува стратегот.

Две цели се во прашање, пласман на табелата и развој на младите играчи. Мајсторијата е да се успее по двете основи. Потребно е од почеток сите во клубот и околу него да знаат по кој пат се оди, пат во кој е нужно разбирање и трпение. Затоа што практиката покажува дека тренерите секогаш зависат од резултатите.

– Клубот бара да се направи стабилна екипа и одржување во Првата лига. Покрај резултатски, сакам секој играч да биде двојно подобар отколку што бил. Да ги зголеми сите способности и досегашни статистики за да излезе како продукт кој ќе вреди на пазарот. Пример, ако е напаѓач, дава толку и толку голови, трча толку и толку… – потенцира првиот клупски стручњак.

Со почит ја спомнува публиката. Се сеќава уште кога доаѓал како играч на Вардар (првото македонско дерби со Победа 1:1 во 1992), со македонската репрезентација, како селектор на Младата репрезентација со Англија… Смета дека сегашниве играчи имаат заслуга за враќањето на публиката која како некогаш го полни стадионот. Тоа е публика со строги критериуми и не е лесно да и се погоди вкусот.

– Во играта, сакаме да бидеме со сите модерни трендови – офанзивни, со многу посед на топката, повеќе контрола на играта. Стремежот е кон создавање шанси, повеќе креација, јак менталитет, карактер, агресивност. За тоа нé чека многу работа летово, со силни тестови на кои ќе ги согледаме и квалитетите и слабостите.

Во врска со играчкиот кадар, Бабунски е усогласен со политиката на клубот. Добил информација дека досегашните првотимци сакале да останат, со исклучок на Дарко Анѓелески во Силекс. Колку засилувања ќе има, зависи што ќе покажат актуелните првотимци, во кои се приклучени и млади кои ја освоија шампионската титула за Победа.

Рамка

Нови играчи?

Веќе има нови лица на стадионот во Прилеп, потенцијални засилувања. Но, прерано е да се каже колкумина ќе потпишат договори. Публиката ги препозна Нигериецот Удома Чуквума од Пелистер, Ѓорѓи Јованоски од Слога, Игор Паноски од Воска.

Многу појасно ќе биде во серијата пријателски од 5 јули, со Брегалница, Работнички, Струга и на турнирот во Кавадарци.

Loading