БРОДОВИ ПОЛНИ СО ЖИТАРКИ?!

Некаде, во Црното Море, во некое украинско пристаниште биле заглавени многу бродови натоварени со жито. Не навлегуваме во воените состојби што се случуваат таму. Велиме дека бродовите биле натоварени со жито. Но,  на неколку наши ТВ информираа дека биле натоварени со житарки. На една ТВ кажаа дека товарот бил со житарици.

Размислува човек и се прашува зошто е ова вака! Зошто се употребуваат зборовите – житарици и житарки? Кој ги тера новинарит, лекторите, да отстапуваат од јасните норми, толку познати на сите од вечни времиња. Нашите дедовци и прадедовци и нивните дедовци и прадедовци сееле жито. Со посебно внимание, со посебен однос за тој производ кој значи живот. Кој ѓавол ги натера нашиве луѓе житото да го викаат житарица? Секако, како и многу други зборови и изрази, во нашиов јазик влегуваат од српскиот. Без никаква, ама буквално, без никаква потреба. Сме сретнале податок дека тој збор житарица бил грешка и во српскиот јазик. Житарица всушност се викал бродот кој превезува жито. Но, тој проблем нека си го решаваат Србите. Зошто кај нас житото стана житарица? Отсекогаш нашиот човек сеел жито, жнеел, вршел и амбарите ги полнел со жито а не со житарица. Се собирале луѓето, шетале по полето со крстови во рацете и го молеле Господ:

…Да заврне ситна роса

Да се роди житце винце…

Значи, да се роди ЖИТЦЕ, деминутив од жито. Се разбира, никој и не помислувал да рече дека треба да се роди житарица. Волшебниот божји лак, со прекрасниот спектар на бои, луѓето го нарекле – ВИНОЖИТО. Недајбоже некогаш, скраја да е, да чуеме дека тоа е ВИНОЖИТАРИЦА или ВИНОЖИТАРКА.

Но, гледај ти, имаме ние и разбудени луѓе. Имаме разбудени “патриоти”. Имаме луѓе, кои насетиле дека таа форма “житарица” не е баш македонска, па решиле да го “помакедончат” и го направиле “житарка”. Се разбира, тоа според некаков мунасип. Заборавиле дека постојат и речници. Не погледнале во ниту еден. Да го направеле тоа, ќе сфателе дека ЖИТАРКА е всушност жена на житарот, оној кој произведува жито. Убаво е објаснето тоа во сите речници. Во тритомниот Речник, за зборот “жито” се вели дека тоа е всушност поим за сите житни растенија. Разговаравме по телефон со лекторка. Таа го брани зборот “житарица” оти се однесувал за сите жита, за сите житни растенија, а нив ги имало повеќе. Одговоривме дека и овошки има повеќе видови и сите се викаат – ОВОШЈЕ, а не ОВОШТАРИЦИ. И грозје има различно. Но, со еден збор е ГРОЗЈЕ а никако не ГРОЗЈАРИЦА. Омекна лекторката со своите тврдења. Сепак се насети дека е повредена нејзината суета, па на крајот прокоментира нешто неопределено и не многу разбирливо.

Постојат многу други зборови кои без некаква потреба ги преземаме од српскиот јазик. Овојпат тоа е најмалку потребно. ЖИТО! Толку познат употребуван уште од искон, сега го сквернавиме и правиме од него ЖИТАРИЦИ или ЖИТАРКИ. Замислете, бродовите биле полни со ЖИТАРКИ. А тоа го слушаме и во кулинарската номенклатура. Често ни се сервираат некои рецепти во кои било потребно да се додадат одредено количество ЖИТАРКИ. Рековме дека житарките се жени на житарите, па сега нека размислат авторите на рецептите.

Си спомнуваме за крајот на “Тешкото” од Блаже Конески.

…Од вековно ропство, мој народе идеш

Но, носиш ти в раце дар златен и пој.

Пченицата твоја трижплодна ќе биде

И животот твој! …

Белки нема да доживееме да се рече: “Житарица твоја трижплодна ќе биде”. БЕЛКИ!

Loading