САЕМ НА КНИГА

Од трети до деветти мај во салата “Борис Трајковски” во Скопје, се одржуваше “Саем на книга”. Го слушаме ова на повеќе наши телевизии, слушаме и специјално подготвени емисии. Читаме и на кајронот. Насекаде исто -”Саем на книга”. Оваа грешка се среќавала и во претходните години. И продолжува. Никому не му текнува дека овој наслов е погрешен и дека треба да гласи “Саем на книгата”. Именката “книга” треба да биде членувана. Во спротивно произлегува дека на саемот е изложена само една книга. Кога би се рекло “Саем на книги”, тоа може. Се изложиле разни книги, од најразлични области за продажба. Не може “Саем на книга”.

Ќе направиме споредба со друг настан да биде појасно. Во Куманово се одржува фестивал со наслов – “Денови на комедијата”. И таму се прави истата грешка. ГТие го викаат “Денови на комедија”. Именката “комедија” треба да е членува, но во случајот членот е изосатвен. Изработени се и статуетки за учесниците. На нив пишува – “Денови на комедија”, а треба “Денови на комедијата”. Се работи за комедијата како драмски род, а не за некоја комедија. Значи, на тој фестивал се прикажуваат само комедии, само претстави од тој драмски род, од комедијата. Божицата (музата) на таа драмска област е Талија. Значи, Талија е божица на комедијата, а не божица на комедија. Да споменеме и тоа дека Мелпомена е божица на трагедијата. И едната и другата се божици на посебен драмски род, на КОМЕДИЈАТА и на ТРАГЕДИЈАТА, а не на комедија и на трагедија.

И саемот во Скопје треба да гласи “Саем на книгата”, а не “Саем на книга”. Не станува збор за некоја книга од некој книжевен род. Овде поимот “книга” го означува посебниот род на уметноста, литературата. Литературата од сите области – белетристика, филозофија, есеистика, драматургија, медицина, агрономија… Сите сознанија ги добиваме преку книгата. Преку КНИГАТА, членувано. Именката “книга” означува само родов поим, а именката “книгата” членувано, во случајот е извесен симбол, средство, преку кое се добиваат сите информации од најразлични области на литературата. Литература од секаков вид. Слушавме емисија за овој саем. Новинарката објаснува дека тој имал ПОДРШКА не се сеќаваме од кого. Но зошто скопскиве новинари велат дека саемот имал ПОДРШКА, дека бил ПОДРЖАН, а не ПОДДРЖАН. Подржан и поддржан не е исто. Често го слушаме ова. И тогаш кога гледаме јасно напишан текст “поддржан” (со две “д”) презентерите и новинарите читаат “подржан”. ПОДДРЖАН не треба да се чита со некое посебно нагласување на двете “д”, туку со малку продолжено “д”. Се знае, значењето на двата збора е различно.

И титулирањата на определени личности се прави погрешно. На некоја телевизија стануваше збор за заменик – претседателот на Бугарија. Ајде, нека биде заменик – претседателката, но никако не може и не смее како што слушнавме: “Заменичката на Румен Радев”.

Уште поголема грешка слушнавме: “Помошничката на државниот секретар на САД”.

Заменик – претседател и помошник – државен секретар се титули, со посебни овластувања и со посебни должности. Многу навредливо звучи кога ќе се рече дека едната била заменичка на Румен Радев, а другата пак била помошничка. Слушнавме разговор со извесен амбасадор. Новинарот му се обраќа со – амбасадоре, наместо – господин амбасадор.

Ќе приведеме една некоректна реченица. Новинарката информира: “Производителите на масло смируваат, зејтин ќе има доволно”. Несмасно, зар не? Производителите на масло ќе продавале зејтин. Нормата е “масло”, а не “зејтин”. Во една реченица да се спомнува и масло и зејтин, тоа е надвор од сите норми.

Loading