ПРОМОЦИЈА КАЈ СЕЛОТО ВОЛКОВО

Јаве за романот “Ѕвездени окови” од Александар Костадиноски

Промовиран во автентичен амбиент, кај селото Волково, “Ѕвездени окови” е првенецот роман од сограѓанинот Александар Костадиноски, професор во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”. Делото е рефлексија на неговите вредности, интереси и човечки особини.

Според авторот, безмилосно го уништуваме и убиваме светот во кој живееме, синото топче вдахнато со живот,со  чисти убави планини, со бистри потоци, чудесни океани, светот за кој ни беше даден благослов да го користиме и владееме.

– Го нема светот во кој безгрижно го живеевме детствоѕо полно со игра, радост и среќа. Изместена е оската на ротација на нормалниот свет. Сега се ротира и ита по нов курс, лажно – намерно го нарекуваме “ново нормално”… Норманото однесување е нормално и секое друго негово преименување е измама, стапица, во која треба да се заловиме и како муви во пајакова мрежа да ни бидат исцицани животните сокови. Нормално е она само што нашето срце вели дека е, само она кое Бог од памтивек го создал и благословил. Новото нормално е трасирање на патот кој не постои, трагање по денот кој минал, прифаќање на ненормалноста, нарекување на црното – бело, лошото – добро, слаткото – горчливо, напредното – заостанато. Во таа борба со себе, во која се убедуваш дека новото нормално ќе биде убаво, само се кршиш, се прекројуваш, ги менуваш етичките вредности, убиваш сé што те прави човек… Единствениот начин за споделување на идиличниот свет е пишаниот збор. Тоа е волшебство од пишани рецки со способност да метаморфозираат во гласови, слики и чувства. Тоа е начин на доловување на чувствата, емоциите, восхитот, желбите и соништата, сонувани со отворени очи – вели Костадиноски, кој посочува дека семејството е најважно во животот.

Костадиноски е вљубеник во природата, фотограф, ја сака историјата и пишаниот збор.

Loading