ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРА НА “ДУПЛО ДНО”

Театар

“Дупло дно” од Горан Стефановски, во режија, дизајн на сцена и костими на Наташа Поплавска е новата претстава што ансамблот на театарот премиерно ќе ја изведе вечерва од 20 часот.

Стефановски ја пишува драмата во 1983 г. нарекувајќи ја “пасија во три става и кода” што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер, наспроти системот, отелотвотворен во ликот на министерот за култура. Различните општествени  позиции тој ги изложува преку дебата и спротиставени ставови за смислата на уметничкото творење, а ликовите на уметникот Јаков, министерот за култура Божо, неговата сопруга домаќинката Параскева, нивната депресивна ќерка, балерината Кристина и специјалниот советник Нове ги става во апокалиптична иднина, лудо минато и револуционерна сегашност. Иако делото завршува со кода, тој не дава разрешница. Ги остава позициите непроменливи, отворајќи ја дилемата колку и како уметничката стварност кореспондира со реалноста.

Поплавска го прикажува лажниот ангажман на уметниците кои се борат за “уметничката слобода”, а всушност се борат за позиција на министри за култура да ги задоволат своите лични интереси и заработки. Чистата уметност станува памфлет за статус. Во целото лудило и безнадежност на постојано менување на власта и сквернавењето на хуманистичката линија кај уметникот, безнадежната балерина, ја бара вистината за себе. Поплавска го следи Стефановски во идејата дека само оној што ќе успее да се спои со своето дупло дно, може да создава вистинска уметност. Таа се обидува да ја погледне драмата како реално шоу со музичка свита, ставајќи ја актерската игра пред камери, додавајќи музичари, раководени од композиторот Ристо Вртев. Истовремено дава можна разрешница на расправијата меѓу уметникот и власта со поништување на претходните системи и идеологии, оставајќи надеж за уметноста преку ликот на депресивната ќерка, на која í се отвора можност да прерасне во вистинска уметница. Единствено таа ја почнува позитивната промена со новата заклетва  за уметникот кој не припаѓа никому и стои на работ на ништо, што воедно е и последната реч на Стефановски за позицијата на уметникот во општеството.

Композитор е Ристо Вртев, драматург е Ивана Нелковска, за дизајнот на светлото е задолжен Милчо Александров, а автор на плакатот е Бојана Артиновска – Трпческа.

Играат Катерина Клинческа Чакмакоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Михајло Миленкоски. Музичари се Томе Темелкоски, Методија Костоски, Ана Митоска и Филип Јездиќ.

Loading