ГАЗИ БАБА

Сложени именки можат да се формираат на повеќе начини. Во случајов не интересираат сложените именки образувани на тој начин што првата компонента претставува императивна форма (заповеден начин) од некој глагол. Има многу такви, ќе наведеме неколку: влечипола, неранимајко, печијаре, колиштрк… Тие се пишуваат слеано. На пример, од глаголот “коли” и именката “штрк” се добила именка колиштрк. Во определени случаи овие сложени именки претставуваат прекар или фамилијарно име. Тогаш веќе престануваат да бидат општи именки. Се пишуваат со голема буква: Печијаре (Печијарески), Колиштрк (Колиштркоски), Тепајмајка (Тепајмајкоски)… Овие сложени именки често се среќаваати како топоними, имиња на определени места. На пример, во близина на Крива Паланка постои село кое се вика Подржикоњ, на реката Црна има место кое се вика Скочивир. Блаже Конески, во својата Граматика, ги зема како пример токму овие именки од ваков вид. Составени се од глагол во императивна форма и именка. Постојат повеќе. Ни паѓа на ум селото Паликура во тиквешко, а и месноста Дујгаз кај селото Беловодица. Овие топоними се пишуваат слеано.

Зошто размислуваме за ваквиот вид на именки? Многу одамна ни се врти низ умот дилемата за скопската општина (топоним) Гази Баба. Зошто овие именки што ги наспоменавме (и многу други такви) да се пишуваат слеано, а тоа да не важи за Гази Баба? Насекаде е напишано со два збора – Гази Баба. И тука почетниот дел е глагол “гази” и потоа именка “баба”. Ова нé тера да мислиме дека овој топоним треба да се пишува како и другите, слеано, Газибаба.

Таквото наше размислување се потврдуваше и со извесни стихови од песна на Блаже Конески. Во песната “Скопје” првите стихови гласат:

Ти што стоиш на Газибаба,

Потомче – чуј,

Одовде и јас Скопје сум го гледал,

А денот беше пролетен…

Овде се гледа дека Конески, топонимот го пишува слеано, како еден збор – Газибаба. Со тоа се потврдува нашето размислување – почетниот дел е глагол “гази”, а вториот именка “баба”, па според тоа треба (си мислевме) да се пишува слеано – Газибаба.

Арно, ама не било така. Друг бил патот по кој се дошло до името на овој топоним, името на денешната општина Гази Баба. Во турското, постоел турски поет кој се викал Ашик Челеби. Тој имал прекар – Гази Баба. Зборот “гази” означува нешто како ветеран, како постар, искусен, уважен човек. Зборот “баба” на турски значи татко. Според прекарот на тој поет, на тој почитуван човек, месноста го добила името Гази Баба. Значи, тоа не била именка составена од глаголот “гази” и именката “баба”. Првата помисла одела кон тоа дека станува збор за газење на некаква баба. Нели, старите баби, па и дедовци, често бараат од своите внучиња да бидат газени по плеќите. Тоа им доаѓа како некаква масажа. Првин така се размислувало. Сме мислеле дека топонимот е изграден на таа основа. Нам ни се јавувал извесен отпор, па дури и револт, зошто со тој топоним се прави исклучок?! Зошто сите такви други примери да се пишуваат слеано, како еден збор, а баш овој да се пишува одделно – Гази Баба? Сме барале некои компетентни луѓе, сме телефонирале кај многу лектори да прашаме зошто се прави оваа грешка. Не сме успеале да добиеме врска. Но, добро е, ќе сме се усрамеле. Случајот со песната на Блаже Конески ни даваше цврста поткрепа во нашето размислување. Но, изгледа дека и тој, кога ја пишувал песната (а тоа е одамна), не бил дојден до тоа сознание. Уште не знаел за Ашик Челеби, алијас Гази Баба.                                                    

Loading