БРОЈ 1 НА СТРЕМЕЖ ЗА 2022

НУЦК “Марко Цепенков”

Во првиот број годинава, на списанието за литература, уметност и култура Стремеж, во рубриката Режисерите пишуваат, застапени се песни и расказот на Наум Пановски, есеј на Милчо Манчевски, песни и запис на Антонио Митриќески, на Горан Тренчовски, есеј на Звездана Ангеловска, расказ на Дарко Митревски и на Мартин Кочовски и три куси прози на Ана Алексовска.

Во рубриката Поезија се објавени нови песни од Сузана Ѓорѓиевска, Весна Мундишевска-Велјановска, Филиз Мехметоглу, Наташа Сарџоска и Тања Крмзова Костиглиола. Во Проза може да се прочитаат раскази на Оливера Николова, Петар Петрески, Сашо Димоски, на Јована Матевска-Атанасова, на Благица Ѓорѓиевска пет куси-куси раскази на Даниела Андоновска-Трајковска.  Рубриката Нови гласови ја промовира поезијата на младата македонска авторка Исидора Хениг.

Преку препевот на Никола Маџиров се претставува поезијата на годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, Шунтаро Таникава. Застапена е поезија на нобеловката Луиз Глик во препев на Никола Маџиров, песни на српскиот автор Милош Лазаревиќ препеани од Сашо Огненовски и раскази на словенечкиот писател Андреј Блатник преведени од Лидија Димковска. Во рубриката Критики, есеи, студии Васил Тоциновски пишува за монодрамата T҆ га за југ на Душан Ристевски-Македон, Оливера Ќорвезироска го интерпретира романот „Хотел меѓу две војни” на Александар Русјаков, Весна Мојсова-Чепишевска посветува омаж на Чашуле, а Звонко Димоски ја чита кратко визуелно и културолошки драмата Трудници на Габриела Стојаноска -Станоеска. Последната рубрика ИН МЕМОРИАМ им оддава чест на авторите Радован Павловски, Луан Старова и Драги Михајловски преку спомените за нив на Иван Антоновски во текстот Незгаснато соѕвездие.

Списанието Стремеж го издава Центарот за култура „Марко Цепенков” од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.

Loading