ВИДЕЛО ЗА ХАРТИЕНИТЕ – ГРАФИЧКИ ИКОНИ ОД 18 И 19 ВЕК

Изложба 

Во галеријата на икони е отворена изложба на хартиени графички икони од 18 и 19 век. Освен постарите, ќе бидат презентирани 11 нови книжни икони кои се дел од колекцијата хартиени – графички икони на Заводот и музеј. Збирката се вбројува  меѓу најзначајните од вид на Балканот.

Колекцијата ја сочинуваат стотина графики изработени од гравери кои ја презентирале православната религија преку приспособување на старата техника кон новиот материјал.

-Графиките се првпат откриени во црквата Свети Димитрија во Варош, а второто откритие е во 2003 година при конзерваторски зафати на покривната конструкција во црквата Свето Благовештение. Дел се припишуваат на Константиновата печатница, дел се графики на Антим од Пелопонез, на монахот Кирил, на Партениј од Закинтос, како и отпечатокот од бакрорез од 1780 година, дело на Захариј Орфелин и многу други. Колекцијата содржи гравури создадени на Света Гора од јеромонаси, монаси и лаици гравери и златари, чие мнозинство имало работилница во Кариес, главниот град на монашката заедница на Света Гора. На отпечатоците има написи кои ги споменуваат имињата на творците. Книжните икони претставуваат сведоштво за феноменот и моќта на графичката уметност на 18 и 19 век. Тие се творба за истрајноста на светогорските манастири кои ги негуваат и ги распространуваат своите култови и испраќаат “Благослов” кон народот и кон црквите на кои ги подарувале овие графики – вели Мимоза Христоска, виш кустос историчар на уметност во Заводот и музеј.

Loading