“СИЛЈАН ШТРКОТ” ВЕЧЕРВА И УТРЕ

Театарскиот фестивал за деца во ЦК “Марко Цепенков”

На театарскиот фестивал за деца “Силјан Штркот” што ќе се одржи денес и утре, ќе се претстават театрите од Велес, Куманово и Штип. Придружната програма вклучува промоции на илустрирани авторски изданија за деца и кус филм, изложба и концерт на познати детски рефрени.

Фестивалот ќе биде отворен вечерва со новата фестивалска химна на Александра Трајческа и хорот при гимназијата “Мирче Ацев”. Ќе настапат учениците од 6 одделение при ОУ “Кире Гаврилоски-Јане”.

Ќе има и изложба на дела од децата од градинките и првоодделенците на ОУ “Кире Гаврилоски-Јане” на темата “Штрк”. Ќе се промовира “Сонцето и кралицата на темнината” на Оливера Андоновска со илустрации од Александар Џинго.

На затворањето ќе има концерт на детски песни со бендот Тхе Фоур и ќе биде прикажан детскиот филм “Снежана и седумте џуџиња” во продукција на Мал Театар Прилеп и Мр.ТЛАб.

Ќе се промовира илустрираната приказна за деца во проектот “Детски вело-приказни” со претензија да влијае на здравјето на децата, заштедата на енергија и заштитата на животната средина.

Фестивалот постои од 2019 година на иницијатива на актерките Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумовска од Здружението на граѓани “Мал Театар” за да ја промовира театарската уметност, културните вредности и естетиката преку интерактивни содржини со најмладата публика.

Штркот Силјан (Илија Волчески), фестивалската маскота е идејно решение на Александар Џинго. Маскотата ја симболизира преобразбата на Силјан од Штрк во човек и обратно.

Loading