ПОГРЕШНИ ПРЕВОДИ

Преведувањето на текстови од туѓи јазици, не е лесно, ниту неодговорно. За жал, нашиве преведувачи се однесуваат неодговорно. И ТВ куќи каде се емитуваат програми со тие преводи, се однесуваат неодговорно. Нам, на гледачите, ни останува да се револтираме и да не можеме ништо да измениме. Да не знае човек што да прави. Дали да ги следи содржините или да ги забележува јазичните грешки. Се разбира, тие не можат во целост да бидат забележани. Кога си зел некој таква обврска да преведува туѓи текстови, потребно е да го знае убаво односниот туѓ јазик, а уште попотребно е да го знае својот јазик, во случајов – македонскиот јазик.

Ќе набележиме забележани и запаметени грешки. Се емитува извесна српска емисија со наслов “Стројник”. Извесна девојка, стројничка, посредува меѓу момчиња и девојки и им помага да стапат во брак. Еве, сме забележале една таква реченица: “Сега ќе ви ја донесам невестата”. На српски, реченицата гласи “Сад ќу да је доведем”. Глаголот “доведам” го има и во нашиот јазик исто како што го има во српскиот. Во ваквите ситуации Србите го користат токму тој глагол. И кај нас треба да биде така. Ако станува збор за предмети тие се донесуваат, а луѓето се доведуваат. Во емисијата оваа грешка се среќава често, а ја слушаме и во многу други емисии. Значи – луѓето се ДОВЕДУВААТ, а предметите се носат, се ДОНЕСУВААТ.

Во друга сериска програма, извесна жена се поплакува дека е многу болна. Ние читаме превод: “Цела ноќ ме тресеше грозница”. ГРОЗНИЦА! ТРЕСКА е тоа кај нас. А и самата жена кажува дека цела ноќ ја тресело. Штом ја тресело, значи дека тоа е треска, а не грозница. И оваа грешка ја слушаме во многу наврати. Во многу емисии и од областа на здравството, исто така многу лекари го употребуваат терминот  ГРОЗНИЦА, наместо нашиот збор – ТРЕСКА. Извесен господин бара некаква сметка, некакво ливче. Превртува во разно-разни книги и листови, и на крајот ја најдува. Вели: “Еве каде била затурена”. Така ние читаме во преводот. Каде ли му падна на ум на преведувачот тој збор “затурена”? Ние имаме глагол “тура” со сосема поинакво значење. Водата, да речеме, од некој сад, се тура. На крајот ќе речеме дека таа течност, водата се дотури. За почетокот на турањето би можело да се рече дека “затура”, почна да тура. Ретко тоа се користи. Но, она што го напишал преведувачот, дека односниот документ се затурил е сосема погрешно. Најточно би било да се рече дека документот некаде се зафрлил, а не се затурил.

Еве една друга недоследност што е мошне честа. Новинарката објаснува некои односи меѓу две партии. Една реченица гласи вака: “Прстот го впери во опозицијата”. Многу често го слушаме ова. Не е многу (или воопшто не е) карактеристичен овој глагол во нашиот јазик. Слушаат нашиве луѓе во српскиот јазик дека се вели “уперио” и тие без потреба прават буквален превод “впери”. Зошто да не биде – “Прстот го насочи”? Значи, покажал со прстот во определен правец, покажал на некоја страна. Дури и запорничав е за изговорување глаголот “впери”.

Предлогот “кон” се користи многу често и кога треба и кога не треба. Додека го пишуваме овој текст, слушаме на ТВ – “Рускиот напад кон Украина”.  Нападот е извршен ВРЗ Украина, а не КОН Украина. Предлогот “кон” покажува правец. Да речеме: “Туристите се упатија кон Водно” или “Патот води точно кон Марковите Кули”. Ние често слушаме да се вели дека Македонија сака да се приклучи КОН Европа, наместо ВО Европа. Може и да и се приклучи на Европа а никако не КОН Европа.

За време на економскава криза слушнавме ваква реченица: “Цените на акциите паднаа, а на нафтата зајакнаа”. Цените можат да пораснат, а не да зајакнат. Постојат високи и ниски цени а не слаби и јаки.

Loading