ПОБЕДА СЕ БОРИ ЗА ПЕХАРОТ, ПЕХЧЕВО ЗА СПАС

Фудбал: Пак меч за 5000 гледачи

Само две кола беа доволни да се измести табелата на Втората фудбалска лига – – Исток. Тогашниот лидер Слога откако на гости со 1:0 го совлада Осогово, дома одигра само 0:0 со Саса. Тоа го искористи третата Победа, која прво со 2:1 (двоен стрелец Бојан Спиркоски) на гости ја победи Саса, потоа пред 5000 гледачи дома со 3:0 (два гола даде Бојан Спиркоски, еден Атхе Мазари) ја надигра и втората Беласица, која претходно со 3:0 беше подобра од Пехчево. Така Победа од трета стана прва, Слога е симната на второто место, кое може да го загуби ако в сабота биде поразена од третата Беласица во Струмица.

Победа судбината ја презеде во свои раце. В сабота (17 ч.) пак меч на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, во Прилеп за 5000 гледачи. Иако гостува неатрактивен ривал, Пехчево, дуелот е значаен затоа што Победа со евентуален триумф може предвреме да го обезбеди првото место и пласманот во Првата лига. Услов е Слога да загуби во Струмица. Во тој случај победничкиот пехар е за Победа. Сепак, за да се стигне до пехарот, Победа мора да совлада противник, Пехчево, кој не доаѓа да се предаде, туку да се бори лавовски. Еден освоен бод може да значи опстанок за Пехчево. Целта е да се избегне осмото место со кое се отпаѓа, седмото обезбедува бараж, шестото директен опстанок.

Екипата на Братство по поразите, дома од Детонит со 1:2, во Пехчево со 3:1, в сабота и гостува на Локомотива во Градско.

 Табела: Победа 56, Слога 55, Беласица 53, Саса 45,  Кожуф 34, Пехчево и Детонит по 30, Осогово 27, Братство 14, Локомотива 6.

Loading