СТЕЛНА КОЗА?!

Сосема случајно, барајќи нешто друго, ни излезе пред очи песна на наш познат, мошне познат поет. Сосема случајно сретнавме во неа збор што одамна не сме го чуле. За да го препознаеме значењето на тој збор, ќе приведеме и неколку стихови од песната.

Неа ја дадоа во богата куќа,

За никаков маж,

Ја зацрнија,

Без милост и без правина,

Како да сакаа да ја накажат,

Тројцата браќа, тројца темерути…

Вниманието го сврте зборот “темерути”. Одамна не сме го слушнале и сме го заборавиле. Го користеа некогаш старите. Ќе речеа за некого: “Ах, тој е страшен темерут”. Побаравме во Речникот (тритомниот) и го најдовме зборот  “темерут” и во малку поинаква форма – “темерук”. Пишува дека е тоа темен, мрачен, молчелив човек. Не пишува од каде му е потеклото, но се употребува онака, разговорно. За жал, сега веќе ретко може да се сретне. А зошто да не? Може понекогаш со него точно да се определи карактерот или однесувањето на некоја личност. Како сличен на него, со приближно такво значење и денес го слушаме зборот “тумрук”. И тој е одбележан е во Речникот, но имал сосема поинакво значење. Тумрук или како што се вели според Речникот – томрук, била некаква дрвена направа што му се ставала на нозете на затворениците. Такви направи веќе не постојат, па затоа и употребата на тие зборови ќе згасне.

Јазичните грешки (кои се мошне чести) обично вознемируваат, но понекогаш дури стануваат и забавни. Народните приказни во последно време се мошне застапени во ТВ програми. За квалитетот да не зборуваме. Мораме да констатираме дека вријат од јазични грешки. За да ги набележиме грешките за што сега ќе пишуваме, неопходно е пренесување на дел од содржината. Ако не се завршела некоја работа како што требало, некоја жена (мајка) ќе се претворела во коза. И се случува тоа. Жената се претвора во коза. По подолго време, некоја од личностите во приказната вели дека од таквата коза нема никаква полза. Подобро било да ја заколат. Вака, козата само блеела и не останувала стелна. Тотално непознавање. Актерот не мора да биде сточар да знае дали козата блее, но сепак, треба да знае што зборува. И режисерот, а најмногу на лекторот. Козата не блее, блее овцата. Смешно е што козата не може да остане стелна. Стелна може да биде кравата и да отели теле. Козата може да биде скозна и да роди јаре. Чудно е како се провлекуваат вакви грешки. Актерите не мора да се сточари да знаат, сепак станува збор за познати наши животни. Зар голема мудрост е тоа ако се знае дека кравата раѓа теле, а пред да го отели таа е стелна? Смешно е, но и неодговорно. Исто како да се рече дека мачката останала скучна.

Катастрофалнни се и преводите во сериските емисии. Во една емисија, извесна девојка треба да се венчава за човек што не го сака. Сепак, подготовките се прават, а камбаните веќе бијат. Несудената невеста вели: “Тоа за мене звонат звоната”, односно таков превод. Таков напишан текст читаме на екранот. Зошто не сфативме дека во македонскиот јазик тоа се камбани, а не ѕвона? А уште помалку пак “звона” напишано со “З”.

Во македонскиот јазик не постои збор ЅВОНО. Постои голем ѕвонец и мало ѕвонче. А оние во црквата се камбани затоа и местото од каде што бијат се вика камбанарија.

Loading