СЛОГА, БЕЛАСИЦА ИЛИ ПОБЕДА?

Фудбал: Уште четири кола борба за тоа кој ќе стане прволигаш

Почнува разврската во Втората фудбалска лига – Исток. Во преостанатите четири кола ќе се разјаснува која од трите највисоко пласирани екипи – Слога, Беласица или Победа, ќе стане прволигаш. В сабота (16 ч.) лидерот Слога оди кај Осогово во Кочани, каде виничаните пред пет месеци имаат доживеано пораз од 3:0. Втората Беласица дома е фаворит со Пехчево, но гостите, од средината на тебалата, се за респект. Третата Победа и гостува на четвртата Саса, екипа која се оддалечи од врвот, но треба да се има предвид дека есеноска во Прилеп изваде 1:1, дома со 3:0 го совлада прилепскиот ривал.

Претходното коло беше прилично мирно и очекуванно. Слога (предводена од прилепчанецот, голманот Ѓорѓи Јованоски) со 8:0 ја растури Локомотива, а Беласица (и таа со прилепчанец на голот, Иван Николоски) со 2:0 ја совлада Саса. Екипата на Победа со доминантна игра, но со многу промашувања, само со 2:1 (стрелци Јорданчо Наумоски и Бојан Спиркоски) го победи Осогово. Близу 2000 гледачи беа разочарани и негодуваа. Штета е и тензијата по мечот, кога црвен картон доби голманот Дарко Тофилоски, кој нема да биде на претстојното гостување во Каменица. Се верува дека капитенот Даниел Карчески ќе биде во тимот, иако на претходниот дуел го одигра само првото полувреме.

Екипата на Братство освои бод (0:0) со Кожуф во Гевгелија, а в сабота на Могила оди на победа против Детонит.

Табела: Слога 51, Беласица и Победа по 50, Саса 44, Кожуф 28, Пехчево и Осогово по 27, Детонит 24, Братство 14, Локомотива 6.

Шанса за титула

Младинската екипа на Победа урива сé пред себе. Со 7:0 ја совлада Ренова. Со 43 бода е на второто место од табелата на Супер лигата за младинци, каде води скопски Вардар со 45. Но, Победа има меч помалку, па можност да го преземе врвот.

Во следното коло Вардар дома игра со деветтата Македонија ЃП, а Победа и гостува на четвртата Брегалница во Штип.

Loading