“ЉУБОВНИ ПИСМА ЗА ЕДЕН ПРИЛЕПЧАНЕЦ”

Првенец – збирка од Лина Димоска

“Љубовни писма за еден прилепчанец” е првата збирка поезија од младата Лина Димоска. Песните се инспирирани од секојдневието на прилепчани и од култни места во градот.

Младата поетеса е заслепена од љубовта кон млад прилепчанец, низ стиховите ја опева љубовта кон него, ги заживува подзаборавените места во градот, на кои младите во деведесеттите години ги доживуваа првите бакнежи и средби. Стиховите враќаат назад, во еден различен, жив Прилеп, во кој луѓето беа поблиски еден со друг, се среќаваа на Реклами, наместо на Фацебоок, вистински се дружеа и се забавуваа.

Димоска вели дека прозни текстови и песни пишувала многу одамна, но до пред неколку години тоа не го сфаќала премногу сериозно, туку онака, како еден вид хоби и начин на кој може да ги пренесе своите емоции кон другите.

-Посериозно се посветив на пишувањето пред две-три години, кога станав дел од тимот на крајбрезје.мк каде заедно со уште неколку девојки споделуваме поезија, проза, но и други написи поврзани со културата и уметноста. Мојата прва стихозбирка “Љубовни писма за еден прилепчанец” од печат излезе на 12 април. Тоа е значаен датум, бидејќи на тој ден е роден мојот татко, кому му е посветена книгата. Ја создадов спонтано. Собрав 50 песни, создавани десетина месеци и ги претворив во скромна стихозбирка, која изобилува со силни емоции. Покрај љубовта, застапен е копнежот, тагата и мали искри на среќа. Се трудам да ми е јасен стилот на изразување. Не сакам многу метафори, туку да сум конкретна и директна. Некои од песните се песни во проза. Опевајќи ја љубовта, низ некои  опевам места од Прилеп. Одамна барав субјекти преку кој ќе може да се изразам, па на крајот, зошто не би биле прилепчани, Прилеп и љубовта? Се надевам дека стиховите ќе допрат до сите сограѓани и ќе им разбудат носталгија, за еден стар, поубав и пожив Прилеп – објаснува авторката.

49

Во очите криеш безброј метафори,

На усните ти се запишани безброј стихови.

Меѓу прстите ти се врежани

Сите рими на светот.

Ти си поезија што не сакам да престанам да ја читам,

Ти си песна што цел век ќе ја пишувам.

Затоа, биди среќна песна.

Полна со насмевки.

Полна со воздишки.

Биди најубава љубовна песна,

што секој ќе сака да ја прочита.

Loading