ПРИВРЗОК, НЕ ПРИВЕЗОК

Слушаме емисија на Радио Скопје посветена на животот и работата на извесен доктор. Водителката искажа многу пофални зборови за докторот. Заклучивме дека докторот ги заслужува оние пофалби од водителката. Слушнавме многу информации од областа на медицината но и од богатата биографија на докторот. Човек би помислил дека овој човек знае сé, не само од медицината. Само во една област докторот не беше на високо ниво. Тоа е јазикот, македонскиот.

Ќе набележиме нешто од слушнатото. Докторот редовно вели “ја”, наместо “јас”, потоа зашто, наместо зошто, плуќа, наместо бели дробови, пратам, наместо следам и… Зборуваше за посетата на Музејот на “воштани” фигури во Лондон. Зошто се прави и ваква грешка? Зошто “воштани”, а не “восочни”? Нели се вели: песок- песочни, мозок – мозочни, па според тоа, од восок – восочни. За жал, и тие луѓе, кои многу знаат, од кои може многу да се научи, јазикот не го научиле.

Утринска програма на ТВ, насловена “Ја сакам Македонија”. Застапени се повеќе теми и области. Меѓу другото, претставена беше извесна госпоѓа која произведувала разни ракотворби, украсни предмети. Читаме на екранот дека госпоѓата произведувала интересни “привезоци”. ПРИВЕЗОЦИ?! Зар зборот не го објаснува името на тој предмет? Тие ситни предмети се приврзуваат на нешто. Зошто да не се рече ПРИВРЗОЦИ, туку ПРИВЕЗОЦИ? Зошто да земаме српски збор кога имаме наш? Нели рековме дека програмата е насловена “Ја сакам Македонија”. Господа од ТВ, Македонија не се сака со бројни јазични грешки. Раката на срце, така е и на сите ТВ.

Актуелна е ситуацијата во Украина. На ТВ читаме и слушаме: “Русија и Украина на раб на војна”.  Загрижувачка е ситуацијата со испуштањето на членот. Тоа е диктирано од скопскиот говор. Треба да се каже дека двете земји, Русија и Украина се на РАБОТ на војна, а не на РАБ на војна. Членот (во три вида) го има само во македонскиот јазик, а ете, ние го бркаме она што е за нас најкарактеристично. Ќе ја земеме за пример именката РЕКА. Таа може да се членува: рекава, реката, рекана. Членот го има и во бугарскиот јазик, но таму го има само во еден вид – реката. Ги нема другите два вида (рекава, рекана). Сме се изјаснувале повеќепати за членот, затоа сега нема многу да шириме.

Слушаме од извесен господин за проблемите со енергетската криза. Тој вели: “Дали има смисол да постои Регулаторната комисија”? Господинот ја употребува именката “смисол”. Зошто? Во нашиот јазик таа гласи “смисла”.  Грешката ја прават и многу други. Зошто? Нема СМИСЛА да се прави тоа. Но, овојпат го чувме тоа од долгогодишен новинар, во многу наврати и главен уредник на ТВ.

Политички аналитичар, чест гостин на ТВ, зборува за многуте проблеми во нашава земја – политички, економски, енергетски… Вели дека состојбите не се решаваат преку ноќ. Биле потребни долги стази. Се согласуваме со тоа дека не треба работите да се решаваат набрзина. Но, зошто господинот ја употребува именката “стаза”. На долги стази требало да се решаваат проблемите. Каква мана и најде на нашата, македонска именка – ПАТЕКА. На долги патеки, а не на долги стази. Стаза е српска именка.

Loading