ОД АЛЕКСАНДАР ДО САЊА      

Некаде, во крајот на минатиот век во Македонското радио излегуваше билтен за јазични прашања со наслов “Каде грешиме”. Го уредуваше некогашниот лектор во радиото Стефан Зиглин. Одличен лектор. Билтенот беше за внатрешна употреба. Тоа не заинтересира и сакавме да видиме и да прочитаме нешто од тие билтени. Преку извесен пријател успеавме да набавиме тринаесет примероци. Не знаевме каква е сега ситуацијата, но од тие материјали што ги видовме во билтените, навистина сме одушевени. Осознавме многу работи, а и ни се потврдија многу нешта за кои сме знаеле дека се грешки, а сепак редовно сме ги читале и сме ги слушале.                

Во еден од броевите на Билтенот сретнавме интересен напис ( од Стефан Зиглин) во врска со името Александар. Нашиот интерес во врска со имињата бил присутен и досега. Сме се интересирале и сме се изјаснувале за потеклото на многу наши имиња. Овој напис од Зиглин за името Александар сметаме дека заслужува да се зборува малку пошироко. Од тоа име произлегуваат зачудувачки многу други имиња кои и дури и воопшто не прилегаат на тоа име, но коренот им е таму. Името Александрос е грчко. Тоа значи заштитник, бранител на луѓето. Во слободен превод Александар е Бранислав. Кај словенските народи е значително често. Нашата, македонска форма е Александар. Некогаш, името Александар, како и многу други имиња на познати личности во историјата, биле почесно, титуларно име. Потоа, во чест и слава на Александар обичниот народ им го давал тоа име на своите деца. Тоа станало обично име што гоносат денес многу луѓе. Тоа е многу почитувано и во муслиманскиот свет и кај другите народи од Азија. Таму, тоа име живее во формата Искендер, Скендер, се разбира според нивните фонетски правила. Унгарците го изговараат – Шандор. Во романските (римските) говорни подрачја името Александар има фонетско приспособување и се јавува во облиците Александро, Алесандро, и Алехсандро. Во француското говорно подрачје се изговара Александр, а во германските и словенските земји неговите форми се Александер, Александар и Александр. Од тоа име се изведени и женските имиња Александра и Александрина.

При поделбата на Римското царство на Источно (Византија) и Западно (Рим), христијанството е државна религија. Македонските словени први се покрстуваат примајќи ја источната варијанта на христијанството. Покрај и другите христијански форми на живеење тие примале и христијански имиња кои се главно библиски, староеврејски и грчки. Меѓунив е и грчкото име Александрос, во словенски облик – Александар. Изведенките од Александар имаат многу варијанти, особено во македонскиот јазик. Денешниве наши граѓани носат многу такви имиња и машки и женски, а дури и не претпоставуваат дека коренот им е таму, во името Александар. Некои се препознаваат полесно – Санде, Сандо, и Санка, Ацо и Ацка, Ацика, Цане, Цанде, Цано и Цана, Цанко и Цанка. Сиве овие имиња, можеби и уште некои други, изведени од Александар, правилни и неправилни, подоцна биле сфатени и влегле во употреба како основни имиња. Во многу од нив биле изградувани и презимиња.

Стефан Зиглин наведува повеќе такви, на пример – Санде Ацев, Цане Ацески, Сандре Цаневски, Цане Сандоски. Ако треба да бараме ќе најдеме уште многу – Александров, Цанкоски, и којзнае уште колку.

По Октомвриската Револуција во царска Русија стигнаа на Балканот многу белогвардејци кои донесоа изведенки од името на Александар според источнословенските модели – Сашо, Сашура, Шура, Шуренка, Сашенка, Шенка. Македонските облици од Саша се Сашо и Саше за машки и Саша за женски деца. Потоа имаме Сашко и Сашка. Најнова форма од Александра е Сања. Тој облик бил дојден од Хрватска.

Ете, благодарение на  Александар Македонски вечно живее тоа име, се разбира, во повеќе варијанти. Просторот каде се користи тоа име е многу поголем од оној простор што го освоил Александар како војсководец.

Loading