ЗА ЛИЧНИТЕ ИМИЊА  

Следевме емисија на една наша телевизија. Водителката разговара со млада девојка која се занимавала со музика. Била многу надежна и талентирана пејачка. Пеела главно на англиски јазик, податок што не ни се допадна многу. Но, бевме импресионирани, силно импресионирани од убавиот македонски јазик што го слушнавме од таа млада личност. Речиси, ниту една јазична грешка. Можеби некој ситници во област на акцентирањето. Браво! Ретко имаме можност да слушаме вака убаво владеење на македонскиот јазик. Но, има нешто друго што не натера да размислуваме. Тоа беше повод за овој напис. Девојката се викала АНДРЕА. Внимавајте – АНДРЕА, а не АНДРЕЈА. Онака, без “Ј”. Малку тешко се изговара тоа име ако е без “Ј”. Потребен е извесен напор да се постигне односната артикулација. Дури без да сакаме, полесно се изговара АНДРЕЈА, со “Ј”. Но, ете тука била танката разлика. Ако се напише така, тоа ќе биде име од машки род. А вака, без “Ј”, било женско име. Така ќе го препознаваме при пишувањето, а при изговарањето разликата ќе се назначува преку акцентот. Кај АНДРЕЈА, акцентот паѓа на третиот слог кога се брои одназад, како што е всушност, правило во нашиот јазик. Во случајов со АНДРЕА, акцентот би паѓал на вториот слог одназад. Така се отстапува од правилото за акцентирање, ама по тоа ќе се разберело дека тоа е женско име.

Пребаруваме во Ономастиконот (речник на лични имиња) на Васил Дрвошанов. Сознанието дека Андреја (Андреа) е машко име, го имавме од поодамна. Сакавме да го провериме. Во Ономастиконот е регистрирано тоа име како Андреја, а постои и формата Андреј. Се разбира, како машки имиња. Се среќава таму и формата Андреа (без “Ј”). Се нагласува дека станува збор за правописна недоследност, а името е машко. Тоа е име на евангелски апостол. Приведени се и други – Андро, Андре, Андрејко, Андрејчо. Како женски форми на таа основа се одбележани имињата – Андрејана, Андријана, се разбира, со редукција при акцентирањето на “Е” и на “И”.

Ете, помодарството не знае за граници и се пробива насекаде. Случајот не е таков само со Андреја (Андреа). На многу сличен начин влегува во нашиот јазик и името Матеа (без “Ј”) и на таков начин тоа треба да биде женско. Во Ономастиконот е регистрирано и тоа име, со двете форми – МАТЕЈА и МАТЕА. Се разбира, тоа се машки имиња. Тоа е името на еден од четворицата евангелисти – МАТЕЈА. Ама во денешново “модерно” време и името станува машко – женско. Машкото си е МАТЕЈА, а женското ете, било – МАТЕА. без “Ј”, со изместен акцент на “Е”. Ако се подразмисли малку дека формата МАТЕА (без “Ј”) може да биде и глагол во множинска форма, минато определено свршено време – тие МАТЕА матеница, или МАТЕА вода и којзнае уште како.

Да напомениме дека името Андреја (Андреа) значи, на грчки – мажествен. А Матеја (Матеа) на еврејски значи – Божидар.

Можеби некој ќе стави забелешка дека немаме право да се мешаме во вакви лични работи. Точно е тоа. Никој никому не смее да му се меша во приватниот живот. Но, чудна е појавата што во нашиов јазик влегуваат туѓи, непотребни зборови, па и лични имиња, често со неправилни значења. Па, уште и матичарот ако е полуписмен, и од таа страна ќе бидат улишени. ДЕЈАН ќе биде ДЕАН, ЛИЛЈАНА ќе биде ЛИЉАНА, ИЛИОСКИ ќе биде ИЛИЈОСКИ и којзнае уште колку други.

Сме се изјаснувале и порано дека постојат земји во кои не смеат да се даваат имиња кому како ќе му текне. Најкарактеристична е Франција. Постои огромен список на лични имиња и не смее од него да се отстапува.

Кај нас може сé.

Loading