НЕМА НИ РУСИ НИ УКРАИНЦИ ВО ГРУПАТА СО ПРИЛЕПСКА МЛАДОСТ 96

Пинг-понг

Македонскиот пингпонгарски шампион Младост 96 ги доби противниците за настап во Трофејот на Европа, натпреварување во рамките на ЕТТУ (Европска пингпонгарска унија). Прилепскиот клуб е во регионалната група Г, каде се уште српскиот Темерин и романскиот Одорхеи. Групата е скусена, без Суми од Украина и Санкт Петербург од Русија. За украинскиот претставник има информација дека се откажал, а за рускиот дека е дисквалификуван. Отпаднала можноста во групата да биде Приштина од Косово.

Без сомнение, противниците се мошне силни, затоа што претставуваат држави со богата пингпонгарска традиција. Екипата Темерин во минатото првенство од српската Супер лига меѓу 12 тима го освои 6. место, а таму е и во тековното првенство. Екипата Одорхеи исто така е на 6.место во романската Супер лига. Романскиот тим ја има предноста на домашниот терен, бидејќи ќе биде домаќин на Г-групата. Првопласираниот оди во финалната фаза. Според објавата на ЕТТУ, натпреварите ќе се одржат на 28 и 29 мај.

– Одорхеи има нови во своите редови, Швеѓанец и Унгарец, а и Темерин доведе Унгарец. Ние се засиливме со Црногорецот Лука Бакиќ. Првото место не е недостижно за нас – вели Златко Рикалоски од УО на Младост 96. 

Во Трофејот на Европа учествуваат 20 држави со 28 клуба, распоредени во седум групи.

Loading