ПРЕМИЕРА НА “ДЕКАМЕРОН”

“Декамерон”, според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, е новата премиера што театарот “Војдан Чернодрински” ќе ја изведе утревечер од 19.30 часот на матичната сцена.

Од театарот велат дека во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со “Декамерон”, со триумфот на волјата на човекот, наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта. Ова е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди, успева експлозивно да го издигне својот дух и силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин.

-“Декамерон” е претстава полна со живот. За жал, секојдневието не е. Специфичната природа на односи која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството кои сме ги имале. Изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството нé поврзаа сите уште еднаш. “Декамерон” стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од “сега и тука”, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста – вели режисерот Кочовски.

Драматизацијата на Бокачо, кој првпат се поставува во прилепскиот театар, ја подготви  Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, сценографијата е на Филип Јовановски, костимографија е на Јулијана Војкова – Најман. Музиката е на Оркестарот на Театар “Војдан Чернодрински” под водство на Пеце Трајковски – Брада, а вокален  и музички соработник е Ана Митоска.

Играат: Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска – Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Мијахло Миленкоски, Андон Јованоски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска, Леонардо Лазов.

Loading