МЕРИ ГИЧЕВА НАЈДОБРА И НА 37 ГОДИНИ

Ракомет

Во екипата на Феризај од некогашен Урошевац, Косово, на бековската позиција успешно игра Мери Гичева – Конески. Иако на 37-годишна возраст, таа и сега е најдобра. На тимот му помага да се искачи од 4. до 1. место на табелата, до шампионската титула. Есеноска беше светла точка во ЕХФ европскиот куп, во дуелите против фаворитот Јуро унирек од Холандија, кога постигна најмногу голови за својот тим – шест на првиот меч, седум на реваншот.

– Спортски инает. Ако го немав тоа, немаше да успеам во ниеден спорт – во гимнастиката, атлетиката, каратетот и сега во ракометот. Играта моја е таа – да водиме или губиме и 10 и 15 разлика, играм до крај, од првата до 60. минута. Сите имаме приватен живот, проблеми, но се исклучувам од надворешниот свет и се концентрирам само на теренот – ја открива тајната Гичева.

Некогашна репрезентативка на Македонија, а има играно во повеќе домашни клубови: Тутунски комбинат, Кометал Ѓорче Петров, Пелистер, Кабран амбалажа, Жито Прилеп, Деспина… Сé што е квалитетно, барано е во странство. Настапувала во Италија, Романија, Грција, четири клуба во Косово. Врв на кариерата и е клубот Читате дева со кој го освои високото 4. место во Романија. Напролет ќе го оконча договорот со косовскиот Феризај. Играчката кариера продолжува.

– Не знам до кога. Ќе тренирам додека ми дозволуваат физичките предиспозии. Тело сигнализира. Сега-засега добро се чувствувам. Само да чува Господ од повреди. Тоа е најбитно – смета Гичева-Конески.

Зимава тренира индивидуално, во фитнес-сала, како и со клубот Деспина.

Loading