КОГА ЌЕ СТАНЕ КИЧМАТА ‘РБЕТ ?

Се емитува интересна руска серија. Интересна е актерската игра. Ние читаме превод. Обично, преводите се мошне лоши. Овојпат, можеме слободно да речеме дека преводот е ужасно лош. Редовно ги слушаме реченичните конструкции: “Му го дадов на него”, место му го дадов нему, “Ти реков на тебе”, место ти реков тебе. Така до бескрај. Постои во филмот мошне интересен лик. Тоа е еден старец, малку необичен и сите го викаат “вештер”. Зошто го нарекле токму така не е баш јасно. Не е јасно дали и преведувачот направил правилен избор на името. Старецот прави некакви напивки од разни билки. Во преводот читаме “напитоци”, се разбира тоа е погрешно. Тоа доаѓа од српскиот глагол “напити се”. Луѓето сметаат дека тој прави и некои необични напивки. Во преводот читаме дека тој правел “чинки”. Првпат го слушаме тој збор. Помисливме дека можеби и постои, дека значи нешто. Пребаравме во речниците и не го сретнавме. Бидејќи старецот е необичен ете, наречен е “вештер” и се занимава со правење на разно-разни необични лекарства, претпоставуваме дека луѓето, селаните, сметаат оти се тоа некакви магии. Дојдуваме до ваков, евентуален, заклучок според контекстот на настаните. Преведувачот на многу места го употребува зборот “чинки”. Велиме, сосема непознат и никаде неодбележан. Ни сакале да дознаеме какво е значењето и од каде му е потеклото.

Во филмот постои еден мошне интересен лик. Младо момче, крајно сиромашно, со малку закржлавен ментален склоп. Во текот на дејството се бара некој предмет. Во преводот читаме: “Убогиот го зел”. Зар ова не е ужасно? Кој ли му дал право на преведувачот да нé бомбардира со вакво основно незнаење? Не сме сигурни дали преведувал од руски или, можеби, од српски. Можеби тие јазици ги владее добро. Но, јасно е дека македонскиот јазик е на понижувачко ниво. УБОГ!? Каде ли го најде, каде го измисли? Тоа е српски збор. УБОГ значи – сиромав, беден. Можат да се најдат и други зборови со кои може да се објасни таа социјална положба на момчето, но од каде му дошло на преведувачот на ум да го употреби зборот УБОГ?! Замислете, тоа што се бара, предметот што го немало, го зел УБОГИОТ. Браво Телевизија 24. Браво за преведувачот и уште поголемо браво за лекторот. РЕЗИЛ!

Малку на друга тема. Постои македонско-бугарска комисија за решавање на историските прашања. Не навлегуваме во апсурдноста на постоењето. Еден член од нашите претставници поднесол оставка. Наводно, во работата на комисијата се вршел притисок од висок политички функционер. Изјави вакви, изјави такви, не навлегуваме во тоа. Предизвикува револт изјавата на членот на комисијата: “Не треба да ја виткаме кичмата”. Раката на срце, ние не знаеме дали неговата порака е токму таква, со тие зборови или пак е интерпретација на новинарот. Станува збор за именката “кичма”. И односната комисија и сите други институции и сите поединечни изјави водат кон тоа дека јазикот не го даваме. Нели “Ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик”! А зборот “кичма” не е македонски. Колкупати сме слушале да го кичмосуваат тие што најмногу го бранат јазикот, македонскиот јазик. Од некогашната изјава на Заев дека Македонија треба да ја свитка кичмата, речиси и не сме чуле некој да рече ‘РБЕТ.

Слушнете и разберете сите јазични без’рбетници. Јазикот се брани со неговата правилна употреба, а не со пароли. Напразни се сите чествувања и прослави на родендените на Блаже Конески, на Благоја Корубин, ако не ги почитуваме нивните дела! А тие дела се наша обврска. НИЕ КАЈ ТРГНАВМЕ?!                                                                                                                             

Loading