РОДЕН ВО ПРИЛЕП, А ИГРА ЗА БОСНА

Фудбал: Харис Хајрадиновиќ

Во турскиот прволигаш Касимпаша настапува офанзивниот среден играч Харис Хајрадиновиќ. Фудбалер познат и по тоа што е член на репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Она што малку е познато за него е дека е роден во Прилеп, во 1994 година. Поради овој факт претходниот селектор Игор Ангеловски совреме, пред пет години, му се јавил и му понудил да игра за Македонија.

– Ангеловски ме праша дали сакам да играм за Македонија. Имал со мене сериозни планови оти се создавал нов тим. Му одговорив дека ми треба да размислам. Не е лесно да се сврти грб на државата која ми дала се во животот –  изјави тогаш Хајрадиновиќ.

Државата на која не е лесно да и се сврти грб е Босна и Херцеговина. Харис од мал го напуша Прилеп и со семејството заминува во Сараево. Затоа и кариерата ја почнува во Жељезничар, а потоа игра и за соседниот Олимпик. Натаму се редат: хрватскиот Интер Запрешиќ, словачкиот Тренчин. белгискиот Гент, норвешкиот Хугесунд, хрватскиот Осиек, за на крајот за турскиот Касимпаша да пристапи во почетокот од 2019 година. Уште кога игра во Норвешка ја носи конечната одлука околу предлогот на македонскиот селектор.

– Благодарам за интересот, но не размислувам за ниедна друга репрезентација освен за Босна и Херцеговина. Таму ми е домот, семејството, се – образложи Харис.

Хајрадиновиќ со репрезентацијата на Босна и Херцеговина имаше скромен биланс во квалификациската Д-група за Светско првенство, со освоени 7 бода и пласман на 4. место, што е далеку од баражот, додека со екипата на Касимпаша се бори за опстанок во најсилната турска Супер лига.

Loading