ПРИЛЕПЧАНЕЦ СЕ БОРИ ЗА МЕСТО СО АФРИКАНЦИ, ХРВАТИ И БОСАНЦИ

Фудбал: Стоперот Дарко Илиески е во најсилниот словенечки тим Копер

Во Првата фудбалска лига на Словенија најдобар тим есенва е Копер, а дел од него е 26-годишниот прилепчанец Дарко Илиески, стопер. Откако во детските години играшеза 11 Октомври, веднаш стана професионалец во скопски Металург, па во Победа, Шкупи, Пелистер. Чекор по чекор, стигна и се проба во странство летоска. Најважен предизвик, затоа што едно ниво е докажување дома, друго во друг македонски град, а трето е надвор од границите на сопствената земја.

– Прво мое искуство во странство. Немам многу минутажа, но задоволен што сум дел од толку силна екипа. Има многу нови играчи и силна конкуренција кај новиот тренер. Се борам за место, ама не е лесно. За да играат, странците мора да се подобри од домашните. Не сум сам. Има тројца Африканци, неколку Хрвати, има и Босанци. Во прекрасна клупска атмосфера сите се дружиме и тренираме – рече Илиески.

Колку е силен тимот на Копер потврдува табелата, каде е лидер со 36 бода, пред фаворитот Марибор со 33 и најпознатиот клуб, Олимпија со 27. Копер има амбиција и во Купот, каде е во полуфиналето, совладувајќи ја Олимпија во Љубљана. Илиески настапи на првенствениот меч дома со Радомље, совладано со 3:2, како и на пријателскиот меѓународен дуел во Удине со италијанскиот прволигаш Удинезе, за кого игра прилепчанецот Илија Несторовски.

– Одличен натпревар. Двапати водевме. На крајот заврши нерешено 2:2. По подолго време, по повредата, на мечот заигра и Несторовски. Мило ми е што се врати. Имаме редовна комуникација, поради близината од стотина километри – вели Дарко.

Што натаму? При крај е есенскиот дел од словенечкото првенство и треба да се донесе одлука каде во пролетниот дел?

– Треба да разговарам со тренерот и управата. Сите се задоволни како тренирам и играм кога ми се дава шанса. Сакам да останам, да не се враќам пак во Македонија, оти условите се прекрасни и далечни како небо и земја од кај нас – смета Дарко Илиески.

Имаме публика, но не како во Прилеп

– Ги гледам сите натпревари на Победа. Би било одлично Победа да се врати во Првата лига. Прилепчаните заслужуваат прволигаш. Колку гледачи има на секој меч. И овде има публика, но не како во Прилеп – споредува Дарко.

Loading