СЕ ЧЕКААТ ТУТУНАРИТЕ ДА ГО СПАКУВААТ РОДОТ И ДА СЕ ОТВОРАТ ВРАТИТЕ НА ПУНКТОВИТЕ

Тутунскиот комбинат е спремен за старт на откупната кампања

-Родот е поквалитетен од лани

– Првата класа со листови до 14 сантиметри, наместо до 12

– Плаќањето ќе се врши следниот ден по преземањето

– Нема поголеми количества тутун од договорените

Тутунскиот комбинат наскоро ќе ги отвори вратите на откупните пунктови. Подготовките се завршени, поделени се  картоните за пакување, обезбедена е документацијата за добивање на виза за откуп од Министерството за земјоделство и средствата за плаќање се на располагање. Се чекаат тутунопроизводителите да го подредат и да го спакуваат родот.

Според директорот на Тутунскиот комбинат, Кире Станкоски, квалитетот годинава е подобар во споредба со лани.

-Бербата е квалитетна. Сметаме дека во најголем процент ќе се откупува во прва, втора и трета класа и мал процент во новата збирната класа. Поради квалитетот на реколтата очекуваме фер и правична проценка. Цената на тутунот ќе биде подобра од лани. Законскиот рок за старт на откупот е од 15 ноември до 15 декември. Ги делиме картоните за пакување. Спремни сме да откупуваме, но и кооперантите треба да го подготват родот. До 15 декември сите откупувачи имаат законска обврска да почнат да го преземаат тутунот и да ги обезбедат потребните документи. Тутунскиот комбинат веќе ги обезбеди средствата за плаќање на договорените количества за откуп со стандардните кредити. Плаќањето ќе биде како досега. Следниот ден по откупот, на кооперантите ќе им легнат парите на сметките. Динамиката за откуп ќе биде на околу 50 тони дневно. Со ова темпо би требало тутунот да го прибереме до крајот на јануари и почетокот на февруари. Од 3800 кооперанти, очекуваме стандардни количества – вели Станкоски.

Според него, родот е подобар заради тоа што летото беше релативно сушно и врнежите беа правилно распоредени, за разлика од лани кога имаше обилни дождови, нагло прераснување на листовите и родот не успеа доволно да се исуши и имаше неуспешен тутун и голем процент на четврта класа. Годинава тоа го нема.

-Изминатиов месец имаше турбулентни односи меѓу Министерството за земјоделство и Сојузот на тутунопроизводителите со носењето на правилникот за мерила за откуп на тутунот. Министерството донесе правилник без консултација со откупните компании и Сојузот на тутунопроизводителите. Грешката се исправи и се донесе нов правилник, кој е на задоволство на сите страни. Десетгодишната пракса се стави на хартија. Постигнатиот договор им одговара на сите страни, како на министерството, така и на тутунопроизводителите и на компаниите. Суштината на најновиот правилник е првата класа на тутунот да биде наместо 12, 14 сантиметри. Цената е иста како лани. 280 денари за килограм. И во втората класа се зголемува должината на листот. Придобивката на третата класа е во подбирот, како инсерција на растението. Успешниот подбир, без маани и оштетувања, се квалификува за трета класа. Со поранешниот правилник тоа беше четврта класа. Се постигна договор на збирната класа, во која влегуваат сите берби, инсерции, квалитететот од четвртата класа и дополнителните. Во суштина има прва, втора, трета и збирната класа во која е сместен понеквалитетниот тутун. Цените се 280, 200, 150 и 85 денари за килограм. Правилникот е жива материја. Се договориме. Тутунопроизводителите добиваат на зголемување на димензијата на листовите. Тие се задоволни, а компаниите ќе откупуваат тутун – вели Кире Станкоски, директорот на Тутунскиот комбинат.

Инаку, во Комбинатот немаат индиции дека ќе се појави вишок на тутун, произведен надвор од договореното. Се очекува откупот да тргне во мирна атмосфера, бидејќи се завршени сите подготовки.

Loading