СЕ ДУПЧИ ТУНЕЛОТ НА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ

Започна дупчењето на тунелот на експресниот пат Градско – Прилеп, а изградбата се очекува да биде завршена за една година. Тунелот е составен од две цевки, во правец кон Прилеп со должина од 139 метри и кон Градско со должина од 159 метри, на делницата Дреново – Фаришка клисура.

– Ќе се изградат две тунелски ленти, едната кон Прилеп со должина од 139 метри и другата кон Градско со должина од 159 метри. Изведувачот е комплетно мобилизиран и на располагање ги има сите потребни ресурси од кадар, работна сила, механизација со опрема и материјали за изведба на тунелите согласно динамиката на изградба, изјави министерот Министерството за транспорт и врски Благој Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, потенцираше дека интензивно се работи на експресниот пат Градско – Дреново, кој е поделен во три делници.

– Ширина на делницата Дреново-Фариш е променлива. Пет километри се со асфалтна платформа од 12,4 метри што одговараа на експресен пат, а преостанатите повеќе од пет километри се со платформа од 17 метри што одговара на автопат со намалена ширина. На само десет километри растојание во овој појас се градат два тунела, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт, што говори за каков тешко пристапен терен станува збор – изјави Рустеми.

Дневно поминуваат и над 6 илјади возила од сите категории. Патната инфраструктура е дел од кракот Д на Паневропскиот транспортен коридор 10.

Loading